Search

Царина: Лани увезени 2.215 тони отпад, компанијата „Блацион ДОО“не увезувала

Со цел обезбедување на транспарентно и точно информирање на јавноста, а во контекст на актуелизирањето на увозот на отпад во Северна Македонија, посебно по случувањата во соседството, Царинската управа дополнително го подигна степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните.

Согласно стратешките определби на Царинска управа во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните, увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното министерство, во случајов тоа е  Министерство за Животна средина и просторно планирање.

На оваа тема добивме повеќе новинарски прашања дали досега е пријавен влез во Република Северна Македонија на одредена стока од компанијата „Блацион ДОО “. Во врска со ова информираме дека согласно нашите податоци компанијата „Блацион ДОО “ не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка.

Дел од новинарските прашања се однесуваат на фирмите кои користат гориво од отпад. Согласно евиденцијата со која располага ЦУ, во текот на изминатата година само една компанија користела гориво од отпад.

Со цел информирање на јавноста, споделуваме и информација за вкупно увезениот отпад во текот на 2019-та година. Имено, вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони, за кои што секој увозник уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоане станува збор за увоз на опасен отпад.

Со цел утврдување на евентуални неправилности Царинската управа, во соработка со Министерството за внатрешни работи презема одредени активности во насока на истражување на увозот на отпад. Овие активности продолжуваат во континуитет и со други надлежни институции, а за исходот од истите јавноста ќе биде навремено информирана.

 

Треба да знаете
Последни објави