Search

Детектор анкета: Две третини од граѓаните сметаат дека Македонија нема соодветен пристап во борбата со загадувањето

Речи си две третини од граѓани сметаат дека Македонија нема соодветен пристап во
справувањето со загадувањето на воздухот, покажува последното истражување на јавното
мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 62,6% од граѓаните се на став дека земјава нема соодветен пристап во борбата со
загадувањето, додека 18,1% се со спротивно мислење.
Споредбата со истражувањето кое ИПИС за Детектор го спроведе во јануари минатата година,
покажува дека перцепцијата на граѓаните се влошила. Ако лани во истиот период 26,7% сметале
дека земјава има соодветен пристап во справувањето со загадувањето, сега тој процент на граѓани
паднал на 18,1%. За сметка на тоа, се зголемил бројот на граѓани кои сметаат дека Македонија
несоодветно се справува со загадувањето. Од 58,7% во јануари минатата година, бројот на граѓани
кои сметаат дека Македонија нема соодветен пристап за справување со загадениот воздух се
зголемил на 62,6%.
Во Скопје, еден од најзагадените градови во Македонија уште поголем процент на граѓани се
убедени дека државата не знае да се справи со загадувањето. Анкетата покажува дека 78% од
граѓаните од Скопје сметаат дека државата нема соодветен пристап во борбата со загадувањето,
додека 11,4% имаат спротивен став.
Најголемиот број граѓани или 22,9% сметаат дека главна причина за загадувањето е горењето и
фрлањето на отпад. 22% се на став дека главна причина за загадувањето се фабриките и
индустријата а 21% греењето и затоплувањето. 18,5% се на став дека најмногу загадува
транспортот а 7,1% градежништвото.
18,9% од анкетираните граѓани велат дека во нивното населено место нема загадување.
Споредбата со анкетата од претходната сезона на Детектор, направена во јануари лани исто така
од ИПИС, дава интересни податоци, односно значителни промени во перцепцијата на граѓаните
кога станува збор за главната причина за загадувањето во нивното населено место.
Ако во јануари лани, 31% од анкетираните сметале дека главна причина за загадувањето е
транспортот, сега, во последното истражување овој процент се намалил на 18,5%.
За сметка на тоа значително се зголемил бројот на граѓани кои сметаат дека главна причина за
загадувањето се фабриките и индустријата и тоа од 13,6% во истражувањето лани на 22% во
последното истражување. За една година за 4,7 процентни поени се намалил бројот на граѓани
кои сметаат дека греењето на домовите предизвикува најмногу загадување и тоа од 25,7% лани
на 21% оваа година.
51,7% од граѓаните велат дека во споредба со лани, нема промени во квалитетот на воздухот.
32,2% од граѓаните сметаат дека годинава дишеме понеквалитетен воздух, додека 10% се на став
дека квалитетот на воздухот се подобрува.
Близу две третини од граѓаните сметаат дека е многу важно да се реши проблемот со
загадувањето. На скалата каде се оценува значајноста да се реши проблемот со загадувањето
дури 65,2% од анкетираните ставиле оценка 5. 17,1% оцениле со 4, 12,5% со 3. За единица се
решиле 2% од анкетираните кои сметале дека за нив воопшто не е битно да се реши проблемот со
загадувањето. Со тоа средната оценка од овие податоци е пресметана на 4,46
41,9% од анкетираните на скалата од 1 до 10 ставиле десетка оценувајќи го влијанието на
загадениот воздух врз квалитетот на живеењето, оценувајќи дека тој има многу големо влијание.
Само 3% од анкетираните на истата скала влијанието на загадувањето врз квалитетот на својот
живот го оцениле со единица, сметајќи дека воопшто нема влијание.
Со тоа, средната оценка на влијанието на загадувањето врз квалитетот на живеењето е
пресметана на 8,1. Ваквите податоци споредени со анкетата спроведена лани од истиот
институтот, покажуваат дека расте свесноста на граѓаните за влијанието на загадениот воздух врз
квалитетот на живот особено ако се има предвид дека средата оценка на истото прашање лани
била 7,72
6,41 е средната оценка на квалитетот на воздухот на скалата од 1 до 10 каде што 10 значи дека
има екстремно загадување. Тоа значи дека споредено со лани, граѓаните сметаат дека имаме
позагаден воздух, бидејќи во истражувањето во јануари 2019 оваа оценка беше пресметана на
5,73.
63,4% од анкетираните сметаат дека надлежните служби не вршат соодветен инспекциски надзор
со цел да се намали загадувањето на воздухот. 10,3% се убедени во спротивното додека 26,3%
немаат одговор.
36,8% сметаат дека фирмите кои загадуваат треба да бидат парично казнети, 20,1% сметаат дека
треба да им се одземат дозволите за работа, додека 20,4% се за уште порестриктивни мерки кои
ќе значат и парична казна и одземање на дозволата.
8,1% сметаат дека фирмите не треба да бидат казнети на овој начин.
62,4% од анкетираните сметаат дека со подобрување на јавниот превоз ќе се намали
загадувањето на воздухот додека 30,3% не веруваат во тоа.
Најголем дел од граѓаните или 44,6% од анкетираните велат дека домот го загреваат на дрва. 37%
се греат на струја, 16,2% на парно и по 0,2% кои велат дека се греат на нафта и на гас.
Во главниот град, најголем дел од граѓаните се греат на струја. Станува збор за 43,1% од
анкетираните, додека 40,7% се греат на парно. Само 16,3% од скопјаните се греат на дрва.
56,3% од граѓаните велат дека доколку постои опција за тоа би се приклучиле на централно
греење и домот би го загревале на парно додека 19,2% не би се грееле на парно. Во скопскиот
регион каде што мрежата за парно е најразвиена дури 36,6% од граѓаните велат дека се
подготвени да се вклучат на централниот систем доколку за тоа добијат услови додека 15,9% и
натаму би останале да се греат на друг начин. Заедно со оние 40,7% скопјани кои веќе имаат
парно, пресметките покажуваат дека три четвртини од домаќинствата во Скопје, кога би можеле
домовите би ги загревале со парно.
Најмногу греење на дрва има о источниот и југоисточниот дел каде на овој начин својот дом го
загреваат над 60% од граѓаните. Над половина домаќинства на дрво се греат и во вардарскиот,
пелагонискиот, југозападниот и североисточниот дел на Македонија, а 49,7% во полошкиот.
Најмалку дрвото за огрев се користи во скопскиот регион каде на овој начин домот го загреваат
25,3% од граѓаните.
69,6% од граѓаните велат дека не можат да си дозволат греење на струја за разлика од 24% кои се
во состојба да се греат на овој начин.
Очекувано, колку се пониски примањата, толку е помала можноста на граѓаните да се греат на
струја. Па така дури 77,5% од граѓаните кои земаат до 20.000 денари плата велат дека не можат да
се греат на струја, за разлика од 50% од оние кои заработуваат над 60.000 денари кои го делат
истиот став.
Доколку Македонија стане членка на ЕУ, 37,6% од граѓаните сметаат дека полесно ќе се надмине
проблемот со загадувањето на воздухот. 17,5% сметаат дека членството во ЕУ ќе значи и потешко
справување со загадувањето, додека 27% велат дека нема да има никаква разлика.
Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1105 испитаници во периодот од 8 до 11
јануари со маргина на грешка од плус-минус 3%.

Треба да знаете
Последни објави