Search

Случајот „Еразмус“ се враќа на почеток, поротник оди на работа во Германија

Промена на Судечкиот совет, односно заминување на поротник на работа во Германија, го врати случајот “Еразмус” на почеток, објави Макфакс.

На денешното рочиште, на кое беше предвидено завршни зборови да дадат одбраната и обвинителството, судијата Владимир Туфегџиќ побара од странките на следното рочиште по скратена постапка да се исчитаат сите докази предложени од Обвинителството и обвинетите за да не се одолговрекува процесот.

Адвокатите на обвинетите се согласија со судијата Туфегџиќ на следното рочиште да се исчитаат сите докази, за потоа, веднаш да се дадат завршни зборови. Во меѓувреме, претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев ќе назначи нов поротник кој ќе биде запознаен со предметот и доказите.

Обвинителството за организиран криминал за предметот „Еразмус“ гони петмина осомничени, меѓу кои поранешниот декан и професор на менаџмент, Бобек Шуклев. Предметот е отворен во јуни 2016 година. Професорите се сомничат дека барале и примале поткуп од 500 до 1.000 евра за да им пишат преодна оценка за положен испит на студенти без знаење, а имало случаи кога студенти добиле шестка иако немале право да го полагаат испитот или не им бил пријавен во таа испитна сесија. Обвинети се професорите Бобек Шуклев, Славе Ристески, Драган Јанев и Стојан Дебарлиев.

На претходните рочишта сведокот Дејан Трајковиќ, кој од 2012 од 2018 година бил вработен во бифето на Економскиот факултет, посочи дека две студентки, го прашале дали може да им „среди” за оценка. Сведокот го прашал Шуклев, а тој му рекол да и каже на студентката дека сака да има сексуални односи со неа или таа да плати 1.000 евра. Трајковиќ и пренел и таа одбила да има секс со професорот, но рекла дека ќе плати.

Фото: Макфакс

Треба да знаете
Последни објави