Search

Заев: Нема одлагање на изборите, на 3 јануари давам оставка

Одлагање на изборите нема. Јас на 3 јануари ќе ја поднесам оставката во Владата. Парламентот треба да ја констатира оставката и со тоа паѓа целата влада. Истиот ден претседателот Пендаровски треба да му даде мандат на Оливер Спасовски кој треба да ја предложи новата влада и парламентот да ја изгласа, изјави претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев вечерва на прес-конференцијата на која ги соопшти одлуките на Извршниот и Централниот одбор на партијата Спасовски да биде технички премиер во преодната влада.

Потврда за сериозноста дека нема одлагање на изборите, рече, се кадровските решенија договорени за преодната влада.

-Дадовме збор, а и опозицијата стоеше на зборот и денеска го заокружи пакетот на закони во Собранието што имаат реализација од 1 јануари. Останаа законите кои може да се донесат во јануари и може да се имплементираат следната година, истакна  Заев одговарајќи на новинарски прашања во партиското седиште.

Ги почнуваме, рече, законските рокови – стоте дена од денот на изборите наназад. Нагласи дека СДСМ не се откажува од една изборна единица затоа што е добро за државата и правично за сите.

– За една изборна единица можеме да одлучуваме сè до 12 февруари односно до 60 дена пред изборите додека работи Парламентот. Ние не се откажуваме од ова прашање, а и колегите од помалите политички партии, помалку бројните етнички заедници се про и сакаат. Тоа е и наше изборно ветување. Треба и другите политички партии, како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да седнат, а јас утре ќе го отворам и тоа прашање, доколку и господинот Мицкоски сака да разговара. Убаво е ако за тоа одлучиме со консензус. Утре ќе ја искористам средбата со првиот човек на најголемата опозициска партија, можеби ќе најдеме одредено решение, рече Заев.

На седниците на ИО и ЦО на СДСМ вечерва е одлучено министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да биде технички премиер во преодната влада од 3 јануари 2020 до формирањето на новата влада по изборите на 12 април. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе биде вицепремиер за економски прашања, на местото на Кочо Анѓушев. Избрани се и двајца дополнителни заменици министри во преодната влада – Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријејљ – во МТСП.

Треба да знаете
Последни објави