Search

Детали за убиството на Московска: Шурата му се заканувал, па го застрелал кога пак се вратил во дуќанот

Основното јавно обвинителство Скопје побара притвор против В.Ш.(55) осомничен дека вчера во неговата продавница во Тафталиџе го убил својот зет од сестра, С.Д.(55) и го ранил внукот Ф.Д.(25), син на убиениот. Според првичните информации, причина за убиството биле нарушени семејни и имотно-правни односи.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лице осомничено дека извршило кривични дела убиство  и убиство во обид, како и за недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

-На 20 декември, на улица „Московска“ во Скопје, осомничениот неовластено држел огнено оружје – пиштол марка „Чешка Зброевка“ модел VZOR 50 cal калибар 7.65. Со оружјето со умисла лишил од живот едно лице, а уште едно се обидел да лиши од живот. Кога оштетените татко и син дошле пред дуќанот на осомничениот и почнале да тропаат на вратата, упатувајќи му закани да отклучи и да излезе надвор за да ги решат меѓусебните недоразбирања, тој без да отклучи го извадил пиштолот кој го држел без дозвола и го насочил кон нив. Во тој момент тие се оддалечиле, па осомничениот ја отклучил вратата, мислејќи дека си заминале. Тогаш ги забележал како повторно се приближуваат, па пак влегол во дуќанот и го зел пиштолот и започнал да пука кон нив. Еден од оштетените починал на лице место, додека другиот се здобил со тешки телесни повреди, огнострелни рани во пределот на десниот колк и абдоменот, велат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител процени дека во конкретниот случај се исполнети законските основи, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.​

Треба да знаете
Последни објави