Search

(Видео) Марш на „Црвените чадори“: Сексуалните работници бараа поголеми права

Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „СТАР-СТАР“, во рамки на кампањата за одбележување на 17 декември, Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, по 12. пат го организира т.н. Марш на „црвениот чадор“ во Скопје. Кампањата оваа година е посветена на борбата против родово-базираното насилство.

– Зошто треба да работиме во страв да бидеме малтретирани, злоупотребувани и игнорирани од општеството. Зошто не барате, а не не препознавате. Ние сме ја одбрале сексуалната работа како најдобра опција да заработуваме за живот и никој не треба да ни го одзема правото на слободен живот, порача една од учесничките на маршот на црвените чадори.

Посочуваат дека анализите на граѓанските организации, во 2018 година биле документирани 100 случаи на насилство врз сексуални работници, додека во 2019 година бројот е помал, но тоа не се должи на позитивните промени, туку на обесхрабреноста и немањето доверба во институциите.

– Најголем дел од нив, односно 34 случаи се во домот на сексуалните работници. Тоа значи дека сексуалните работници не се безбедни ниту во сопствените домови. Документирани се 26 повреди на трасн жени сексуални работнички, кои дополнително се соочуваат со насилство мотивирано од омраза поради родовиот идентитет, изјави една од учесничките на маршот.

„Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажуваат дека жените и трансродовите сексуални работници се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Но, малкумина од нив се охрабрени да пријават во полиција. Насилството, нападите, злоупотребувањата и нееднаквиот третман врз сексуалните работници мора да се запрат, а тоа е можно само ако сексуалните работници се третираат еднакво пред законите и се почитуваат нивните човекови права и слободен избор, соопштуваат од „СТАР-СТАР“.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави