Search

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ја освои наградата на Европскиот парламент „Лукс 2019“

Попладнево, на свечената церемонија која се одржа во Европскиот парламент, беше доделена престижната награда за филм „Лукс 2019“ (LUX Film Prize 2019) на македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

Наградата беше врачена од страна на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, а ја прими режисерката Теона Стругар-Митевска, придружувана од главната актерка во филмот Зорица Нушева и продуцентката и актерка Лабина Митевска.

Филмската награда „Лукс“ е посветена на промоција на европската кинематографија, а првпат е доделена во 2007 година. За овогодишниот избор во селекција за наградата меѓу 10 финалисти во првиот круг влегоа дури два филма од Северна Македонија. Жирито е составено од европратеници.

Покрај „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска за главната награда во финалната трка се најдоа и „Нерешениот предмет Хамарскјилд“ на Мадс Бругер (Данска / Норвешка / Шведска / Белгија), и „Ел Реино“ (Шпанија / Франција) од Родриго Сорогојен.

Филмовите селектирани за главната награда ЛУКС се фокусираат на клучнитe социјални и политички проблеми на денешницата, со цел зајакнување на европскиот идентитет. Преку илустрирање на разновидноста на европските традиции и европските интеграции, овозможуваат универзална примена на европските вредности.

Треба да знаете
Последни објави