Search

Студентите на Филмската академија во Охрид реагираат: Не оставија на цедило без дипломи, ова е неправда

„Ние сме свесни дека проблемот на 6 студенти нема многу да ја заинтересира јавноста, но поради неможноста поинаку да допреме до институциите и одговорните за нашиот проблем, решивме уште еднаш да ги известиме медиумите. Институтот за филм – филмска академија Охрид или ИФФА Охрид е државна образовна институција која (беше)е плод на меморандуми за соработка помеѓу владата на Република Северна Македонија и FAMU, реномираната прашка филмска академија. Ние, студентите од првата генерација 2015/2016, стипендирани од Министерството за образование и наука, година и половина по завршувањето на нашите тригодишни мастер студии, откако целосно ја исполнивме студиската програма и ги одбранивме магистерските тези не можеме да добиеме диплома, ниту некакво уверение за положени испити. Наидуваме на целосен молк од страна на надлежното министерство, а самата академија повеќе не функционира, па веќе губиме надеж дека некогаш ќе добиеме признание за вложениот труд и стекнатото знаење“, се вели во реакцијата до јавноста на Првата генерација студенти на ИФФА Охрид.

„Нема да навлегуваме во детали, бидејќи надлежните институции за решавање на овој банален проблем се многупати запознаени и информирани. Сметаме дека е срамен односот и незаинтересираноста од страна на МОН кон студенти запишани на државна образовна институција. Сепак, кога ние се запишувавме на овој инаку прекрасен образовен проект со исклучително лошо менаџирање, сметавме дека проектот е сериозен, а гарант на тоа гледавме во договорите кои ги склучивме како стипендисти на Владата и МОН. Пред една година успеавме да го ставиме нашиот проблем на дневен ред на седница на Владата. Министерството за образование и наука во своите рамки формираше комисија која требаше да изготви извештај со предлог решение. Но, откако извештајот бил испратен до кабинетот на министерот за образование и наука, застанува и целиот процес. Повторно се пробиваат рокови за магистрантите, кои година и половина не можат да добијат потврда за завршените магистерски студии. Студентите изгубија уште една академска година за надоградување на своето образование и многу можности за работа, затоа што немаат никаков доказ. Би сакале да знаеме зошто Министерството за образование и наука не ја заврши својата обврска и зошто повторно молчи и ги остави студентите на цедило? Зошто министерот за образование и наука не ги спроведе час поскоро препораките од комисијата, формирана токму од Министерството со кое тој раководи? Ако проблемот не е кај министерот за образование, тогаш каде е закочена целата процедура?“, се додава во реакцијата.

Според студентите, иронијата да биде поголема, ИФФА Охрид има предвиден и одобрен буџет за работа. „Исто така, знаеме дека се исплатени сите хонорари за професорите и асистентите на ИФФА Охрид. Па оттука прашуваме, како е можно сите вклучени во образовниот процес и тоа администрацијата, наставниот и помошниот кадар да бидат исплатени за својот труд, а студентите кои се всушност предмет од интерес на целиот вложен труд на професорите, да не можат да ги остварат своите права и да добијат соодветна диплома за завршените студии?
Се надеваме дека оваа објава ќе го натера министерот за образование и наука, заменичката министерка за образование и наука, како и надлежните сектори во рамки на МОН да посветат малку од своето драгоцено време на нашата неправда. Убаво е да го дочекаме крајот на овој филм“, се додава во реакцијата.

Треба да знаете
Последни објави