Search

Објавена книгата „Менциј“ – првпат на македонски во превод од старокинески јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве ја објави книгата „Менциј“, во превод од старокинески јазик и со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија.

Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфучиј, односно најпознатиот конфучијанец по Конфучиј.

Делата на Менциј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“, а првпат интегрално се објавени на македонски јазик.

„Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфучиј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.

Менциј (Мѐнг Ци̌’; 372 – 289 п. н. е.) е еден од стожерните философи во кинеската историја, чиешто дело претставува вододелница во интелектуалниот живот на оваа земја. Живеел во преодот од IV и III век пред Христа, кога Кина се наоѓала поделена на многу мали држави, кои честопати биле во конфликт. Во таквите околности, дошло и до заживување на философската мисла, кога разни философи, коишто претставувале различни интелектуални школи влегувале во остри полемики меѓу себе.

Менциј секогаш е претставен како говори во трето лице, најчесто во разговор со други личности, вообичаено владетели, но и со останати високопоставени луѓе, а исто и со други мислители, но и со некои од своите ученици. Временски, настанувањето на книгата „Менциј“ може да се датира некаде кон средината на III век пред Христа.

Структурно, книгата е поделена на седум дела, секој од нив разделен на две поглавја, со што има вкупно четиринаесет поглавја. Поглавјата најчесто се насловени според името на главниот соговорник со кого Менциј дебатира во нив.

Треба да знаете
Последни објави