Николоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе ја подобрува економијата во соработка со партијата на Меркел

ВМРО-ДПМНЕ во соработка со владејачката германска партија ЦДУ ќе работи за силна економија, нови работни места, повисоки плати и борба со корупцијата. Ова го изјави Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој со партиска делегација се наоѓа на Конгресот на христијанско-демократската унија во Лајпциг.

Тој истакна дека имаат интензивни средби со претставници од ЦДУ и со нив станало збор соработка.

„Разговараме за промените коишто треба да се случат во Македонија, разговараме за сите штетни политики коишто ги направи владата на Заев, ги информираме за криминалот и корупцијата на Заев, за обидот да шират лажни вести и паниката којашто ги снајде. Ги информираме за подготовката за предвремените парламентарни избори коишто треба да се случат на 12-ти април, на коишто ВМРО-ДПМНЕ очекува да понесе убедлива победа, после којашто новата влада на ВМРО-ДПМНЕ во соработка со ЦДУ и со Германија, ќе се обиде да привлече што поголем број германски инвеститори, да дојдат и да инвестираат во Македонија. Основно за Македонија се нови работни места, а за оние коишто работат повисоки плати. Втората цел е воспоставување на силен систем на владеење на правото и борба со корупцијата, тука исто така ќе ги користиме искуствата на ЦДУ, значи силна економија, нови работни места, повисоки плати и борба со корупцијата, тоа е целта на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски.

Тој оцени дека е задоволен од состаноците во Лајпциг и претходно во Загреб, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ покажало оти има силна меѓународна поддршка.

„Продолжуваме денеска со средбите тука да ја продлабочиме соработката помеѓу Македонија и Германија , помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЦДУ“, додаде Николоски.

Треба да знаете
Последни објави