Search

Малиќи: Град Скопје посветено ќе работи на формирање комисија за односи меѓу заедниците

Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи, денеска присуствуваше и се обрати на јавната расправа на тема „Спроведување на Законот за локална самоуправа во однос на работата на комисиите за односи меѓу заедниците на локално ниво“, што се одржа во Собранието на Република Северна Македонија, во организација на Комисијата за локална самоуправа.

-Прво дозволете ми да изразам задоволство во свое име и во име на Град Скопје што прашањето за потребата за формирање на Комисија за односи меѓу заедниците во единиците на локална самоуправа е отворено со сериозна намера да се имплементира во пракса и покрај фактот што од 2002 година истото е предвидено со Законот за локална самоуправа. Со оваа комисија се обезбедува можноста на сите етнички заедници што живеат на територијата на соодветната општина да учествуваат во процесот на донесувањето одлуки и креирањето политики. Градот Скопје има законска обврска за формирање Комисија за односи меѓу заедниците, меѓутоа претходната градска администрација не успеала да ја формира. Во Статутот на Град Скопје е предвиден бројот на членови, како и начинот за нивен избор. Во оваа пригода сакам да истакнам дека минатиов период градската администрација интензивно работи на подготовки за формирање на Комисијата и одговорно тврдам дека ќе се заложиме да ги надминеме сите можни потешкотии со цел непречено функционирање на работата на Комисијата – рече Малиќи.

Тој додаде дека минативе две години секоја градска политика се заснова на идејата за вклученост на етничките групи кои не се мнозинство во сите градски политики.

-Двојно повеќе проекти, предводени од здруженија кои припаѓаат на етничките заедници кои не се мнозинство на територијата на Град Скопје се поддржани на јавните повици од областа на културата, образованието и социјалната заштита. Изработена е Стратегија за меѓуетничка интеграција во образованието каде што фокусот е ставен на создавање „едно“ училиште за сите ученици независно од нивната етничка припадност. Наша цел е да се водиме по принципот на инклузија и демократско учество на сите етнички групи на територија на Град Скопје. Од исклучително значење за подобрување на социјалната кохезија и на културниот, општествениот и економскиот живот е учеството на сите граѓани на Скопје независно од етничките групи на кои припаѓаат. Скопје е град на сите и сите заедно може да го направиме подобро место за живеење – нагласи Малиќи.

Треба да знаете
Последни објави