Search

Лидерот на Хезболах се обидува да ги смири протестите во Либан

Поради деветдневните континуирани протести во Либан  денеска и влијателниот шиитски лидер Хасан Насрала се обиде да ја намали напнатоста во земјата, повикувајќи ги своите приврзаници да стојат подалеку од улиците.

Демонстрантите, кои се собираат во либанските села и градови, инсистираат на остранување на целата политичка класа, обвинувајќи многумина од различни партии за системска корупција.

Лидерот на моќното шиитско движење Хезболах, Хасан Насрала, во говор на телевизијата денеска предупреди дека секоја оставка на владиниот кабинет ќе доведе до „хаос и крах на економијата”.

-Не ја поддржуваме оставката на владата, рече тој.

Зад него во текот на говорот се гледаше националното знаме на Либан, место боите на неговата партија. Насрала, исто така, ги повика приврзаниците на Хезболах да ги напуштат улиците, откако во Бејрут избувнаа судири меѓу нив и другите демонстранти што протестираат против корупцијата.

Во некои градови, утврдувања на Хезболах, избувнаа досега невидени протести, но некои од неговите приврзаници, исто така, се спротивставија со пароли против својот лидер.

На централниот плоштад во Бејрут демонстрантите стоеја мирно додека го слушаа говорот на Насрала.

Од неделата секојдневно се намалува бројот на демонстранти, кога стотици илјади го зазедоа Бејрут и другите градови, во најголемите демонстрации досега во земјата, иако тие повторно можат да нараснат за време на претстојниот викенд.

Откако првично ги поздрави протестите на незадоволните граѓани, оценувајќи ги како спонтани, Насрала денеска забележа дека демонстрантите се изманипулирани.

Армијата преку соопштение порача демонстрантите да се воздржат од блокирање на патиштата и „да ја почитуваат слободата на движење”.

Треба да знаете
Последни објави