Сенатот на САД го усвои протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Според резултатите од гласањето, објавени на интернет страна на американскиот Сенат, ЗА гласале 84, а само двајца сенатори, еден од Јута и еден од Кентаки, биле против. Не гласале 14 сенатори.
Покрај САД, недостасуваат уште четири земји да ги завршат процедурите за земјава да стане полноправна членка на Алијансата.
Очекувањата се дека Протоколот наскоро ќе биде ратификуван од сите 29 држави членки и со тоа приемот на земјава ќе може да се официјализира пред Самитот на Алијансата закажан за 3 и 4 декември во Лондон.
Засега неизвесно е дали тоа пред Самитот ќе се случи во шпанскиот Парламент. Двата дома на Парламентот се распуштени. Изборите се закажани за 10 ноември, а доколку се помине како што треба новиот состав на Парламентот би се конституирал на 3 декември.
Земјите-членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.