Search

Детектор: ВМРО-ДПМНЕ во предност од три отсто пред СДСМ

Една петтина од граѓаните ќе и дадат поддршка на опозицијата доколку идната недела се одржат предвремени парламентарни избори, покажува најновата анкета која за потребите на емисијата Детектор на Сител ТВ ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, на идните предвремени парламентарни избори 21,1% од граѓаните ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а поддршка за владејачката СДСМ ќе дадат 18,1% од анкетираните граѓани.
Во албанскиот политички блок најголема поддршка ужива ДУИ. Според анкетата на ИПИС, за „интегративците“ ќе гласаат 4,5%. Според рејтингот, следна е партијата на Зијадин Села. За Алијанса за Албанците поддршка дале 2,8% од анкетираните граѓани. Алтернатива на Африм Гаши има поддршка од 0,8% додека за БЕСА на Билал Касами се изјасниле дека ќе гласаат 0,7% од анкетираните граѓани.
26,1% велат дека нема да гласаат за ниту една партија, 14,7% не сакаат да кажат за кого ќе го дадат својот глас, додека 9,7% велат дека се уште не знаат.
Повеќе од половина граѓани или 50,9% велат дека ќе излезат на гласање доколку следната недела се организираат предвремени парламентарни избори, 24,7% се изјасниле дека ќе апстинираат додека 24,3% се уште немаат донесено одлука.

Анкетата за потребите на емисијата Детектор ја спроведе Институтот за Политички истражувања Скопје во периодот од 14 до 17 септември, годинава, врз репрезентативен примерок од 1109 испитаници со маргина на грешка на примерокот од плус – минус 3%.

Треба да знаете
Последни објави