Search

Десетгодишната Меланија е на пат да стане Роналдо во женскиот фудбал

Роналдо, Меси и останатите познати фудбалери се идоли на милиони деца ширум светот, па така овие мајстори на фудбалската игра се причината и во Македонија голем број на деца да играат фудбал и да мечтаат еден ден и тие да бидат како нив.

Помалку вообичаено е најмладите припаднички на понежниот пол да пронајдат идол во некој фудбалер, но сепак, 24 Инфо пронајде скопјанка, која својата иднина ја гледа во професионалниот фудбал.

Во групата од дваесетина момчиња на десетгодишна возраст на теренот од фудбалската школа „Кул“ во Кисела Вода е и едно русокусо девојче кое ги изучува вештините на најважната споредна работа на светот.

Не им се плаши на припадниците од посилниот пол. Влегува во дуели, ги дрибла, си создава позиции и ги тресе мрежите… Ваков е впечатокот одстрана кога се гледааат овие млади како сакаат да се докажат, а меѓу нив не може да се примети дека игра и едно девојче.

Станува збор за Меланија Грозданова (10 години) која веќе две години со крупни чекори граби во фудбалот. Идол и е еден од најдобрите фудбалери на денешницата, Португалецот Кристијано Роналдо, поради кој го засакала фудбалот и одлучила да му го посветува целото свое слободно  време. Има намера да стане Роналдо во женскиот фудбал.

-Сакам да бидам како Роналдо. Играм во нападот и се обидувам да ја користам секоја прилика да ја испратам топката во противничката мрежа, вели Меланија.

Желбата и упорноста да се напредува од ден на ден кај ова девојче, кое е единствено во машкиот тим на „Кул“ со кој тренира и се натпреварува во детските лиги организирани од ФФМ, ја препознаваат луѓето за откривање на талентите. Како награда за игрите кои ги прикажува добила покана и од проект-менаџерот за откривање таленти во женскиот фудбал во ФФМ, Добре Димовски што е дополнителен стимул за Меланија.

Ова талентирано девојче има забележителни настапи со екипата на „Кул“ на турнири во Бугарија и Србија, како и учества на фудбалски камп, со женската екипа на Тиверија во Грција.

Во земјава ги има поминато и камповите на фудбалските гиганти Реал Мадрид и Јувентус, а беа реализирани за откривање на талентираните деца под будното око на стручњаци од редовите на шпанскиот и италјанскиот тим.

Луѓето задолжени да откриваат таленти имале пофални зборови и за девојчето кое им пркоси во играта на своите врсници од посилниот пол.

Драган Николовски

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави