Search

Ангеловска во ОН промовирана за жена амбасадор на дигитална трговија

Ангеловска во ОН промовирана за жена амбасадор на дигитална трговија

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, синоќа во Њујорк, во рамки на 74. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), беше промовирана како една од првите „жени амбасадори на дигитална трговија“ во светот.

Како што информираат од Министерството за финансии, признанието ѝ го врачил Мукиза Китуи, генерален секретар на телото за трговија, инвестиции и развој на ОН (УНКТАД) .

Покрај Ангеловска, уште шест жени претприемачи од целиот свет ја добија оваа титула од УНКТАД.

 

„Неискористениот потенцијал на жените ширум светот претставува голема загуба за нашите економии. Синергијата на дигиталната технологија и трансформативната моќ на претприемачкиот дух кај жените може да придонесе кон намалување на сиромаштијата во нискоразвиените земји и земјите во развој, како и забрзување на економскиот раст“, рече министерката.

Ангеловска инаку е единствена претставничка од Европа која е прогласена за „жена амбасадор на е-трговија“. Ова признание го доби како соосновачка на Grouper.mk, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република Северна Македонија.

Другите избрани „амбасадори на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико соосновачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.

Треба да знаете
Последни објави