Search

Манчевски: Неопходно е јакнење на свест за сајбер безбедност од најрана возраст

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, присуствуваше на предавање за сајбер безбедност во ООУ Петар Поп Арсов, во општина Карпош.

Во рамките на активностите на Mинистерството за информатичко општество и администрација за јакнење на капацитети и подигнување на свеста во областа на сајбер безбедноста, денеска беше организирано предавање за сајбер безбедност, на кое присуствуваа министерот Дамјан Манчевски и градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев.

„Кога зборуваме за сајбер безбедност луѓето мислат на безбедноста на компјутерските системи но тоа не е така, сајбер безбедноста е многу повеќе и во денешното дигитално време посебно децата кои цело време се на интернет, се изложени на сајбер булинг, одредени напади кои доаѓаат од сајбер просторот“, истакна министерот Манчевски.

Во светски рамки податоците се дека 43% од децата биле изложени на сајбер булинг и веројатно тоа се случува и со децата кај нас.

„МИОА започна пилот проект за превенција преку едукација и како што кажа и градоначалникот, заедно со учениците, наставниците и родителите, сакаме да ја кренеме свеста кај сите, за сето она што може да се случи преку сајбер булинг. Насилството во сајбер просторот за жал многу често може да се пренесе и во реалниот простор и децата да бидат физички загрозени“, истакна министерот Манчевски, додавајќи дека дека денешното предавање е во насока, да се дознае на кој начин може дополнително да се заштитат децата.

Предавачи на денешниот настан беа началникот на отсек за истраги на интернет и електронско плаќање во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР, како и Матеј Плавевски, кој е дел од победничкиот тим на тинејџери од Северна Македонија кои добија глобално признание за иновативно решение за спречување на насилството.
Предавањето е трет ваков настан во рамки на пилот проектот и се планира активноста да се прошири и во останатите училишта Следната недела ќе стартуваат активности и за Европската недела на кодирање и ќе се зборува на овие теми и во основните и во средните училишта.

Треба да знаете
Последни објави