Пендаровски на гости кај својата прва учителка

Претседателот Стево Пендаровски утрово во нејзиниот дом ја посети неговата прва учителка, дознава 24 инфо. Станува збор за учителката Борка Палифрова која сега има 83 години. Пендаровски заедно со градоначалникот на Бутел Велимир Смилевски поминаа извесно време во дворот од домот на учителката и разговараа за детството на Пендаровски, за неговото учење, за дружењето со соучениците.

-Среќна сум што се уште мисли на мене. Беше добар ученик, вреден, трудољубив, секогаш желен за повеќе знаења. Знаев дека ќе заврши некаде на раководна позиција, вели Палифрова.

Учителката на Пендаровски е родена во кичевско, завршила турска гимназија. Татко и ја запишал тогаш на факултет и ја финансирал две години. Но судбината замешала прсти и рано останала без родители. По смртта на татко и државата ја дообразувала. Била во интернат следните три години.

Првото вработување и било токму во училиштето на Пендаровски, „Панејот Гиновски”, некогашно „Доситеј Обрадовиќ“ во Општина Бутел. Пендаровски бил прваче во 1971 година. Живеел во Бутел 2 и тука завршил основно образование.

(В.А.)

фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави