Search

Учество на МНР Никола Димитров на 14-от Бледски Стратешки Форум

На вториот ден од Бледскиот Стратешки Форум, министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност” на кој се осврна на нужноста од забрзана европска интеграција на Северна Македонија и регионот, како заедничка стратешка определба.

Министерот зборуваше за значењето на Европската Унија и нејзините вредности за регионот, но и за важноста од уважување и конкретно вреднување на очигледните резултати и постигнувања, уште во претстојните месеци. Истакна дека оваа прилика не смее да се пропушти и дека е вистинско време за критичен исчекор. Алудираше дека времето истекува и во овој контекст сугерираше дека покрај зборови, неминовни се и дела. „После десет, повторувам десет препораки на Европската комисија дека сме подготвени да почнеме преговори за членство, со решение на нерешливото прашање поради кое изгубивме цела генерација, постигнувајќи европски компромис, ЕУ треба конечно да донесе позитивна одлука.”

Министерот денеска имаше и билатерална средба со Жан Кристоф Белијар, заменик-генерален секретар за политички прашања во ЕЕАС, на која се разгледаа сите аспекти од добивањето позитивна одлука за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ. Двете страни ја реафирмираа заложбата за постигнување на целта од заеднички интерес.

МНР Димитров: „Постои широка меѓународна верификација за позитивната трансформација дома. По договорот со Грција, очекуваме позитивна динамика што ќе создаде нов импулс и за нас, за регионот и за ЕУ.  Ова е одлична можност за чекор напред, за успех, во време кога нема многу други шанси за успех.”

На средбата со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур. соговорниците разменија мислења за процесот на ратификација на Пристапниот протокол во земјите-членки и изгледите за официјално зачленување во Алијансата токму на Самитот на НАТО кој ќе се одржи во Лондон во декември о.г., за што ген. директор Мур истакна дека е од големо значење за двете земји ако успешната приказна на Северна Македонија во контекст на НАТО се заокружи токму за време на настанот во Обединетото Кралство. Се зборуваше и за агендата на домашни реформи во нашата земја, како и за визијата за стабилен и просперитетен Западен Балкан, заснован на владеењето на правото и демократското управување, кое е од значење и за британската надворешна политика.

За време на Форумот, министерот за надворешни работи Никола Димитров имаше куси разговори и со МНР на Шпанија, Жосеп Борел, номиниран за функцијата Висок претстсавник на ЕУ за надворешена политика и безбедност, со премиерот на Словенија, Марјан Шарец и со својот турски колега МНР Мевљут Чавушоглу. Истовремено, разговараше и со Катја Гершак, директорот на Центарот за Европски Перспективи, кој се јавува во својство на ко-организатор на Бледскиот Стратешки Форум.

Овогодинешното мото на Форумот гласи „Ресурси/извори на (не)стабилност” (Re)sources of (in)stability, а дискусиите беа посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок.

Треба да знаете
Последни објави