Search

Жерновски и Захариева: На традиционалниот фестивал “One Love Tour” во Струмица

На традиционалниот фестивал “One Love Tour”, кој се одржа денеска на 15 август 2019 година во Струмица, присуствуваа заменик министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија г-дин Андреј Жерновски, а во име на Република Бугарија, заменикот премиер и министер за надворешни работи г-ѓа Екатерина Захариева.

Фестивалот „One Love Tour”, на кој заднички настапуваат македонски и бугарски музички ѕвезди, се одржува трета година по ред. На настанот што е поддржан од УНЕСКО  беа преставени и традициите на двете земји како разновидност на македонското и бугарското културно наследство.

За време на посетата на ЗМНР Жерновски на Струмица, заедно со МНР Захариева и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, се отвори мултифункционалниот социјален центар, кој е реконструиран и опремен со бугарска донација од 270.000 лева. Мултифункционалниот социјален центар ќе им служи на сите ранливи групи граѓани, како и за програмски активности и проекти за побрза и полесна интеграција во општеството и социјално вклучување на целните групи.

Со ваквите проекти се потврдува дека на негувањето на добрососедските односи со Република Бугарија, како  и на интензивирањето на долгогодишната соработка во сите области, се посветува посебен интерес.  “Посакувам оваа наша соработка да продолжи во овој правец и да поттикне нов дух во регионот. Докажавме една нова реалност на Балканот, дека две  соседни земји ги надминаа минатите делби и  создадоа меѓусебни односи на блиски пријатели”, изјави ЗМНР Жерновски од Струмица.

Присуството на МНР Захариева на фестивалот „One Love Tour” во Струмица беше одлична можност да бидат разменети мислења со ЗМНР Жерновски за теми од важност за регионот, како и за перспективите на нашата земја во однос на нејзината европска интеграција.

Во врска со Ко-претседавањето со Берлински процес, беше заклучено дека истото претставува одлична можност за понатамошно зајакнување на добрососедските односи и за зајакната улога на нашите две земји во регионалните прашања. Исклучително важно ќе биде да се успее во јасно дефинирање на приоритетите и идентификување уште во рана фаза кои може да се конкретни резултати од претседавањето, заклучија МНР Захариева и ЗМНР Жерновски, разговарајќи на оваа тема.

Треба да знаете
Последни објави