Search

Опасни родителски навики кои не треба да ги правите

Иако родителите имаат најдобри намери кон децата, се случува несвесно да прават грешки кои сериозно можат да наштетат на нивниот емотивен развој.

 

Кои грешки не треба да ги повторувате кога станува збор за воспитувањето на децата? Reader’s Digest ги одвои најчестите опасни родителски навики:

1. Не разговарате со децата, туку им се обраќате

Токсичните родители не слушаат што имаат децата да кажат туку им зборуваат „како/зошто“ нешто „треба да“ направат, слушаат и слично. Ова е многу лош образец на комуникација, бидејќи кога детето ќе порасне доволно за да сфати дека не го слушате тоа што ви го зборува, ќе престане да ви раскажува за што било, а тоа не го сака ниту еден родител.

2. Доминантен негативен став

Ниту едно дете не е секогаш послушно, исто како што ниту еден родител не е совршен. Но, многу често поголем проблем е негативниот став што родителите го имаат отколку самото однесување на детето. Наместо да помислите дека се однесува како разгалено дете, обидете се да размислите поради што вашето дете се однесува така.

3. Децата не се виновни за вашите проблеми

Не треба децата да страдаат поради вашата нервоза или поради стресот на работа. Ако детето едвај чека да се вратите од работа за да си играте заедно, реченицата „Мама е уморна“ не е баш најсреќното решение. Затоа, понудете му на детето мирна забава, цртање или читање. Децата брзо растат, еден ден ќе ви биде жал затоа што не сте си играле додека биле малечки.

4. Го споредувате детето со други деца

Никогаш, значи никогаш немојте да го споредувате детето со други деца, ниту во добар ниту во лош контекст.

5. Се критикувате себеси пред децата

Не е добро децата да растат слушајќи како нивната мајка за себе зборува дека е дебела или остарена, или го нарекува таткото „неспособен“. Децата го впиваат однесувањето на родителите и со тоа не им давате баш добар пример туку ги изложувате на сериозен ризик од недостаток на самопочит и самодоверба во текот на животот.

6. Сакате да им бидете пријател на децата

Мама и тато се мама и тато и тие никогаш не треба да им бидат најдобри пријатели на децата. Никој нема да ги сака како вас, никој нема да им посакува добро како вас, но улогите мора да бидат јасно одредени за детето да израсне во стабилна, ментално здрава личност.

7. Не дозволувате детето да биде независно

Ако сè правите наместо детето, не му дозволувате да биде самостојно, го запирате природниот емоционален и психолошки развој. На одредена возраст децата мора да научат сами да се грижат за себе.

8. Однесувањето на детето го сфаќате лично

Вие сте зрела, оформена личност. Како таква треба да знаете дека децата, особено тинејџерите умеат да бидат непријатни и груби. Ако тој налутен тинејџер во еден миг ви каже дека ве мрази и ви ја тресне вратата пред нос, по само неколку минути, кога ќе мине лутината, ќе посакате да го прегрнете. Многу е важно да не се лутите.  И поради детето и поради вас самите.

Треба да знаете
Последни објави