Search

Лагард доби поддршка од министрите за финансии на ЕУ за ЕЦБ

Министрите за финансии денеска ја поддржаа номинацијата на Кристин Лагард на чело на Европската Централна Банка (ЕЦБ), како што предложија лидерите на Европската Унија пред една недела, јави дописничката на МИА од Брисел.

Лагард е поранешна министерка за финансии на Франција и сегашна претседателка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Таа е дел од пакетот назначувања на водечките функции во идниот состав на европските институции и треба да ја заземе новата позиција на 1 ноември, доколку нема одлагања.

Освен поддршката од земјите членки, Лагард ќе треба да биде сослушана и одобрена од страна на европските пратеници во Европарламентот. Министрите за финансии и економија на ЕУ на денешниот редовен Совет за економија и финансии гласале за нејзината кандидатура.

На почетокот на овој месец, лидерите на ЕУ, по три дена преговори, се согласија да ги номинираат и Урсула Вон дер Лејен за претседателка на Европската Комисија и Јосеп Борел, сегашниот шпански министер за надворешни работи на местото висок претставник за надворешна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК. Сите овие функционери ќе треба да бидат одобрени од страна на Европскиот Парламент, за разлика од идниот претседател на Европскиот Совет, белгискиот премиер во заминување Шарл Мишел. 

Треба да знаете
Последни објави