Search

(Видео) Автопатот Миладиновци – Штип официјално пуштен во употреба

Иако веќе неколку недели возачите го користат автопатот Миладиновци – Штип, денеска Владата организира свечена церемонија за негово официјално пуштање во употреба.

„Треба да бидеме горди бидејќи завршивме со изградба на еден импозантен капитален проект, а тоа е автопатот Миладиновци-Штип. Со тоа граѓаните добија безбеден автопат со што ќе го скратат патувањето за триесетина минути, а воедно создадовме услови за поефикасен и побрз транспорт на стоки и услуги што е важен предуслов за инвеститорите да ја мапираат нашата земја како стабилна бизнис дестинација“, истакна премиерот, Зоран Заев, на церемонијата по повод пуштање во употреба на автопатот.

Тој во своето обраќање потенцираше дека ова автопатско решение е од огромно значење, посебно за источниот регион на земјата со што се овозможува побрз превоз на стоки и патници, а од друга страна заради рамномерниот регионален развој, отворање на нови фабрики и нови вработувања.

„Ова модерно автопатско решение е лицето на новата модерна Северна Македонија која продолжува да се гради, поврзува и интегрира. Нашата цел е да ги овозможиме сите потребни услови, меѓу кои квалитетна инфраструктура и владеење на правото за домашните и странските инвеститори да почувствуваат сигурност и да се одлучат за нови инвестиции и да отвораат нови фабрики во кои ќе се вработат многу наши граѓани. Поврзувањето на нашата земја внатрешно помеѓу градовите, селата и населените места со квалитетна патна инфраструктура, и надворешно кон соседните земји останува да биде наш високо рангиран приоритет“, рече Заев.

Додаде дека во следниот период, преку ЈП за државни патишта ќе бидат засадени 600 илјади садници долж автопатот.

„Овој автопат останува во посед на идните генерации. Патот ќе се плаќа од граѓаните на Северна Македонија. 10% како учество на Јавното претпријатие за државни патишта, а 90% од сите даночни плаќачи, со што ќе го враќаме кредитот којшто е поволен за вакви инфраструктурни проекти“, рече премиерот Заев.

Вкупната должина на автопатот Миладиновци-Штип изнесува 47 километри. Има седум клучки, а вкупната инвестицијата е 177,3 милиони евра.

„Најголемите активности за изградба беа извршени во текот на 2018 година, во реализацијата на проектот беа вклучени повеќе од 350 градежни машини, 850 лица како инженерски и технички персонал, од кои најголемиот дел беа од нашата земја, а 55 лица од Кина. Што се однесува до финансиската реализација, можам со гордост да информирам дека првично вредноста на договорот изнесуваше 226,7 милиони евра, но Јавното претпријатие за државни патишта со домаќинско и правилно работење успеа да направи заштеда од 44 милиони евра, односно изградба на автопатот не чинеше 177,3 милиони што е показател за успешно завршен проект“, истакна директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Руиџун Џанг, претставникот од компанијата „Синохидро“ потенцираше дека компанијата ја користела својата напредна технологија и ресурси и во соработка со партнерите од Северна Македонија успешно го завршила овој проект, кој ќе стане симбол на партнерството меѓу Северна Македонија и Кина.

Треба да знаете
Последни објави