Search

(Видео) „Сојуз за живот” маршираше за традиционалните вредности

Како одговор на првата Парада на гордоста за во знак на борбата за заштита на правата на лицата од ЛГБТИ-заедницата, денес во центарот на Скопје се одржа марш во насока на промоција на традиционалните вредности на општеството.

Преку Декларација за заштита на бракот и семејството и мирен марш низ центарот на Скопје, 19 граѓански здруженија и неформални групи од граѓанско – верската платформа „Сојуз за живот” денеска побараа зачувување на традиционалните семејни вредности со почитување на бракот како заедница меѓу маж и жена, спротивставувајќи се на редефинирање на семејството, бракот, полот и родот.

– Се собравме на ова сведоштво не со цел да бидеме против некого, туку за да засведочиме за она што е единствено вистинско и живоодржливо. Нема ништо поживо, попоттикнувачко и поодржливо од бракот и семејството. Затоа испраќаме порака до оние кои имаат моќ да одлучуваат, моменталната и идните власти, дека како граѓани и како верници од сите традиционални верски заедници во Македонија не се согласуваме и не го прифаќаме процесот во западните земји кој има за цел редефинирање на бракот, семејството, полот и родот. Покрај порака упатуваме и загриженост за последиците од  тие процеси, рече отец Ивица Тодоров од МПЦ – ОА.

Од Здружението против абортусот „Срце што чука” исто така побараа да се зачува традиционалното семејство и бракот меѓу маж и жена, а децата да се учат на, како што велат, вистинските морални вредности.

– Да не дозволиме оние што не знаат што да прават со себе да ни наметнуваат нови норми и правила и да не дозволиме да влезат во училиштата и на нашите деца да им покажуваат изопачености. Да не останеме неми пред поганите зборови што ги упатуваат и да не останеме со наведнати глави, туку храбро да истапиме напред, рече Светлана Јованова, претставник на здружението „Срце што чука”.

Граѓанско-верскиот собир почна претпладне пред црквата „Раѓање на Пресвета Богородица”  каде се одржа литургија и културно-уметничка програма, по што поддржувачите на платформата „Сојуз за живот”  маршираа низ центарот на градот.

Треба да знаете
Последни објави