Холандија по продолженија подобра од Англија за финале на Лигата на Нации

Холандија ја победи Англија со 3:1 во полуфиналето од премиерното издание на Лигата на Нации, кое се одржа во Гуимаеш, Португалија. „Лалињата“ славеа по продолженија од двапати по 15 минути, а Англичаните го прокоцкаа водството од 0:1 што го имаа по првото полувреме, а двата гола што ги примија во продолжението беа по катастрофални грешки на избраниците на Герет Саутгејт.

Во финалето Холандија ќе игра против Португалија, а Англија за ретото место ќе оди на мегдан на Швајцарија.

Холандија беше подобар противник од почетокот, но сепак „гордиот албион“ прв поведе по големата грешка на Де Лихт, кој ја загуби топката во шеснаесетникот и го фаулираше Рашфорд, по што истиот фудбалер успешно го изведе пеналот. Саутгејт и неговите избраници уште долго ќе жалат за промашената шанса на Лингард, кога фудбалерот на Манчестер Јунајтед при резултат 1-0 од пет метри со глава биеше директно во противничкиот голман.

Де Лихт се извади за големиот „кикс“ постигнувајќи го голот за израмнување, откако младиот дефанзивец одлично се снајде по еден корнер и го совлада Пикфорд. Англичаните постигнаа нов гол за водство преку Лингард, но истиот беше поништен поради офсајд по прегледување со ВАР.

Клучен момент беше влегувањето на Промес на местото на Рајан Бабел, бидејќи токму асот на Севилја беше човекот на одлука на ова полуфинале. Стоунс почетнички ја загуби топката на самиот старт од првото продолжение, Пикфорд го одбрани ударот на Депај, но на одбиената топка натрчаа Промес и Вокер, двајцата ја допреа, но англискиот дефанзивец во обид да ја исфрли ја смести во сопствената мрежа.

Сите дилеми околу победникот и патникот во финалето исчезнаа во 114. минута, кога Баркли му ја подари топката во својот шеснаесетник на Депај, овој го проигра Промес, кој немаше тешка задача да ја смести во празната мрежа.

Треба да знаете
Последни објави