Симпозиум во МСУ на тема „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“

Во Музејот на современата уметност вечерва во 20 часот почнува меѓународниот симпозиум на тема „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“. Симпозиумот го организира Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ од Скопје.

Иницијална каписла за одржување на овој настан е пожарот што пред две години  го уништи Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје и во кој голем број значајни документи беа пеплосани.

„По пожарот во кој беше уништен најголемиот дел од архивата на заводот како планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети, руините на објектот беа изложени на случајните минувачи. Ние како здружение реагиравме веднаш после пожарот, кога видовме дека барикадите околу просторот се отворени, а сите материјали расфрлани. Тогаш предложивме да го собереме сето она што остана. Во акцијата за расчистување на дел од документите и предметите, кои не изгореа успеавме да спасиме значајни документи од пост-земјотресно Скопје. Веднаш реагиравме во Државниот архив, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Музејот на град Скопје од каде добивме поддршка. И еве, две години подоцна, успеавме да поканиме и гости од странство и да ја претставиме идејата и да покажеме до каде сме стигнале со првичната замисла. Целта е да се создаде продуктивна дискусија и наедно гостите-панелисти од странство да ги пренесат своите искуства, за тоа кои модели тие ги користат во своите земји околу архивирањето на значајни документи од културното наследство. Се стремиме кон таа убава, хумана идеја дека ќе ја сочуваме некако историјата и материјата за понатамошни изучувања. Сите треба да не интересира таа продукција на знаење и тоа заедничко одење понатаму“, велат Јане Чаловски и Христина Иваноска од Прес то егзит.

Настанот ќе биде од јавен карактер и секој заинтересиран посетител може да ги проследи панелите на учесниците овие два дена.

Во првиот панел вечерва ќе зборуваат Сабина Саболовиќ – членка на кураторскиот колектив од Хрватска What, How & for Whom/WHW, која ќе зборува за кураторскиот пристап кон архивата како нешто што оди подалеку од ригорозната или научна дефиниција. Илустрираното предавање на Чарлс Еше – директор на Ван Абе музеот од Ајндховен ќе се фокусира на музејот и употребата на музејските збирки, документација, спомени и односи во создавање на специфични изложби и истражувачки проекти. Себастиан Цихочки – главен куратор на Музејот на модерна уметност во Варшава, во својата презентацијата ќе зборува за експериментот Бродно Биенале (Варшава, 2018).

Следниот ден програмата ќе почне во 12 часот на пладне и свои излагања ќе имаат претставниците на трите партнерски организации: Наташа Бодрожиќ (Слободни врски, Загреб), Марјока де Греф и Анастасија Пандиловска (Санс анд Старс, Амстердам), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Проектен простор Прес ту егзит, Скопје) кои се иницијатори и организатори на проектот „Взаемно поле на културната меморија“ во чии рамки се одржуваат овие настани. Ќе биде промовирана и книгата „Потрошувачка култура на Социјалистичка Југославија“ на проектот Мотел Трогир. Понатаму свои излагања ќе имаат и Јасминка Намичева од Музеј на град Скопје, Сузана Стамболиска Мечевска од Државниот архив на Република Северна Македонија, Васе Аманито Петровски – фотограф, Лидија Пајевиќ – конзерватор на фотографија, Владо Данаилов – архитект и Ноеми Чаусидис – архитект.

Во рамките на настанот на 1 јуни ќе биде отворена и изложба на уметниците Антонис Питас од Холандија, Тјаша Калкан од Хрватска и Јане Чаловски, курирана од Јованка Попова, како и изложба на дел од материјалите, кои беа прибрани за да се заштитат од понатамошно уништување од опожарениот Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје во 2017 година.

Треба да знаете
Последни објави