Конференција за одржливоста и поддршката на граѓанскиот сектор

Зависноста на граѓанските организации од странски донации не е вистинскиот начин за да можат да ги дадат своите резултати во заедницата. Потребно е бизнисите и граѓаните да ги идентификуваат како свои партнери кога сакаат да градат општествени промени.

Ова е главната порака на Конференцијата за меѓу-секторски партнерства насловена „Граѓанските организации посилни со бизнисите и граѓаните” што денеска се одржа во Скопје во организација на здружението Конект во рамки на проектот „Промени за одржливост”.

На конференцијата, на која учествуваа над 100 претставници од граѓанските организации, институции и експерти од земјава и од Србија и Бугарија, беше заклучено дека колку е поголема поддршката на граѓанските организации од страна на бизнис заедницата и институциите, толку се поголеми можностите за подобрување на општеството во целина. Беа споделени и најдобрите практики и искуства за одржливоста и поддршката на граѓанскиот сектор од корпоративни и индивидуални донатори во Србија и Бугарија, како и домашните искуства и поуки на тоа поле.

-Битно е да го смениме Законот за донации и спонзорства во јавните дејности за многу полесно да обезбедува да си ја даваме поддршката еден на друг. Во рамки на проектот „Промени за одржливост” зборувавме многу и за даночните закони во кои се направени некои промени  за граѓанските организации и нивниот статус како работодавачи, но и со организациите да ги зајакнат своите капацитети за финансиско менаџирање и да знаат како да прибираат средства од граѓани и бизниси, порача Виктор Мирчевски, програмскиот раководител на Конект и координатор на проектот „Промени за одржливост”.

Тој нагласи дека преку проектот се поддржани 16 граѓански организации со грантови од ЕУ и оти се покажало дека моделот е успешен, бидејќи сите грантисти успеале да добијат поддршка од 100.000 евра во парични и материјални средства од директни  донации од бизнисите, про-боно поддршка од општините, од граѓаните, од образовните институции,..

Конференцијата е заокружување на проектот „Промени за одржливост”, финансиран од Европската Унија, а спроведен од Конект во партнерство со Фондацијата Аполонија и Центарот за даночна политика.

Треба да знаете
Последни објави