Најгледаниот детски филм во Данска „Кариран нинџа“ во нашите кина синхронизиран на македонски и на албански

Анимирана филмска авантура за најмладите гледачи од денеска (2 мај) приредува продукциската и дистрибутерска куќа „Катавеј“ од Скопје, која во последните две години успешно ги прикажа детските филмови „Неверојатната приказна за џиновската круша“ и „Малиот гангстер“. Годинава го носи најпродаваниот анимиран филм во Данска „Кариран нинџа“, синхронизиран на македонски и на албански јазик. Филмот од денеска почнува да се прикажува во 20-тина градови низ републиката.

Данскиот комичар Андерс Матесен, кој е и режисер на филмот, ги урна сите рекорди на гледаност со новиот анимиран филм за опседнатата карирана кукла. Со скоро еден милион продадени кинобилети, „Кариран нинџа“ влезе во историјата како еден од најпродаваните филмови во данските кина. Не само што Андерс Матесен направил филмски хит, туку и песните од филмот се исто така хитови на данските музички листи. Една рап песна од филмот на македонски ја преработи еден од рап пионерите Ристо Солунчев („Чиста околина“). Песната на албански, пак, ја преработи албанскиот рапер Диамант Абази (Daggfather).

Приказната е за Алекс, ученик во седмо одделение, кој е вљубен во Џесика, ученичка во осмо одделение. Неговиот однос со полубратот Шон и очувот Џон е напнат. Мангупот Глен од погорните одделенија ги малтретира Алекс и неговиот пријател Одисеј на училиште. Кога Стјуарт ќе се врати од патувањето во Тајланд, ќе му донесе специјален подарок – нинџа кукла направена од кариран материјал, која всушност е жива, односно е опседната со стар јапонски дух. Карираниот нинџа му помага на Алекс да се справи со школските проблеми: заедно ќе го победат Глен и Алекс ќе ја освои Џесика. Но, карираниот нинџа има мисија да му се одмазди на циничниот директор на фабрика за играчки, Филип Еперминт, кој убил дете кое работело во неговата фабрика во Тајланд.

Алекс не сака да биде дел од оваа крвна одмазда, но ветува дека ќе му помогне на карираниот нинџа, па почнуваат да се натпреваруваат меѓусебе. Алекс ќе го научи Нинџата многу важна лекција: дека крвавата одмазда не е ништо друго туку крваво злосторство и постои друг начин на кој може да му се одмазди на криминалецот без да ги извалка рацете.

Во 2019 година, филмот ја освои наградата за најдобар филм за деца и млади и за најдобро адаптирано сценарио на фестивалот Роберт, беше прогласен за најдобар дански филм на наградите „Зулу“ и беше номиниран за најдобар филм за наградите “Бодил”.

За сите што ќе го пропуштат „Кариран нинџа“ во кино или сакаат да го гледаат од удобноста на својот дом, „Катавеј“ нуди можност филмот да се гледа онлајн преку платформата cinesquare.net. Со едноставна регистрација на платформата филмот може да се изнајми по цена од едно евро.

Трејлерот за филмот на македонски јазик можете да го погледнете тука, а на албански јазик тука.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија.

 

Треба да знаете
Последни објави