Search

МОСТ: Отворени се сите гласачки места

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи, освен ГМ 2344 во општина Студеничани поради тоа што лицето кое има клуч од просторијата во која е сместено гласачкото место, одбива да ја отклучи. Останатите набљудувачи се на избирачките места и досега не забележале проблеми при набљудувањето на процесот.

Според информациите на МОСТ, на едно од гласачките места во село Прибилци е забележан графит со навредлива содржина, што бил исцртан минатата ноќ. Во гласачко место во село Рич било прекинато гласањето во времетраење од околу 50 минути, поради прекин на работата на УВ-ламбите.

Во текот на денот, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Потенцираме дека набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2019“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за овие избори.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на референдумот МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста во уште три наврати, и тоа во 11:00 часот, во 14:00 часот и во 19:00 часот, а дополнително ќе биде објавен терминот на последната прес-конференција на која ќе бидат соопштени резултатите од ПВТ програмата за одѕивот и распределбата на гласовите.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 1.500 набљудувачи. На 1.160 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 33% од вкупниот број на гласачки места во земјава.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 100 мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Треба да знаете
Последни објави