Search

(Видео) Османи и Димитров во Бундестагот: Подготвени сме преговорите со ЕУ да ги почнеме уште денеска

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров во рамки на работната посета на Германија одржаа брифинг пред Комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг.

Пред Комисијата за ЕУ, Османи и Димитров реферирале за текот на спроведување на реформите за европска интеграција на земјава, спроведувањето на донесените европски закони, како и имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Димитров рекол дека македонската делегација е тука за да ги увери претставниците дека одлуката за почеток на преговори е заслужена.

„Отворањето на патот кон ЕУ ќе претставува силно охрабрување за целта до која сакаме да стигнеме – модерна европска демократија. Воедно тоа ќе претставува и јасна поддршка за еден вид на лидерство што ни треба повеќе во регионот. Лидерство кое се стреми на европски начин да ги решава проблемите и да создава иднина“, посочил тој.

Османи пак кажал дека државата е подготвена да ги почне преговорите со Европската унија уште денес.

„Успехот на земјата создаде нова реалност на Балканот и истовремено е веројатно најуспешната европска приказна во регионот, угледен пример за другите земји од Западен Балкан – јасно прикажувајќи ја трансформативната моќ на европската идеја“, нагласил вицепремиерот.

Претходно Османи и Димитров се сретнале со пратеникот Јохан Вадефул и оствариле официјална средба со претседателката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, како и со Државниот министер за Европа на Германија, Михаел Рот.

Треба да знаете
Последни објави