Турција стана втор најголем европски увозник на течен природен гас

Турција во 2018 година стана втор најголем увозник на течен природен гас (ЛНГ) во Европа, веднаш зад Шпанија, со 18,6 милијарди просторни метри увезени количини, се наведува во извештајот на Меѓународното собрание на увозници на ЛНГ.

Бројката покажува дека увозот на ЛНГ во Турција лани во однос на 2017 година пораснал за 13,2 отсто, што е значително повисоко ниво на раст во однос на европскиот, кој се проценува на 6,4 проценти.

Алжир, Нигерија, Ангола, Норвешка и Египет се главни доставувачи на ЛНГ за Турција.

Освен увоз на ЛНГ, Турција лани увезла и 50,3 милијарди просторни метри природен гас, при што, поголем дел од тоа била наменета за домашна потрошувачка, а помал дел за повторен извоз.

Според податоците на турската регулаторна агенција за енергетскиот пазар, потрошувачката на природен гас во 2018 година во таа земја достигнала 48,9 милијарди просторни метри.

Треба да знаете
Последни објави