Фирмата „Бетон“ ја опремила теретаната во Собранието во 2013 година

Фирмата „Бетон“ во 2013 година ја опремила теретаната во Собранието. Од законодавниот дом појаснуваат дека теретаната е во функција од 2014 година и дека оттогаш не е одржувана и дека на 29 март е објавена првата јавна набавка за сервисирање и одржување на салата.

„Собранието ја информира јавноста дека на 25 септември 2013 година, Собранието и Друштвото за градежништво ‘Бетон’ АД Скопје, склучиле договор, со кој набавувачот (Бетон) треба да набави мебел и останата опрема за новоизградените и реконструираните простории. Под ‘останата опрема’, ‘Бетон’ набавил и опремил  теретана во Собранието, со вкупна вредност од 1.096.383 денари. Поставени се трака за трчање, орбитрек, степер, статичен велосипед, машина за веслање, крос машина, пек дек машина, лег курл машина, хип хоп машина, пул ап дип машина, абдоминална клупа, универзална клупа, скотова клупа, долги олимписки шипки, сталак за плочи, тегови смит машина, плочи и лет машина. Теретаната е во функција од 10 јули 2014 година и има едногодишна гаранција, според договорот. Оттогаш не е одржувана и тендерот од 29.3.2019 е прва јавна набавка за сервисирање и одржување“, велат од собраниската прес-служба.

Од таму појаснуваат дека Собранието е должно, бидејќи се работи за опрема, која веќе претходно е набавена, да не дозволи да пропадне, за што е неопходно одржување и сервисирање. Јавната набавка е во Годишниот план и е во висина до 300.000 денари.

Договорот кој ќе се склучи е сукцесивен и вклучува по потреба подмачкување на апаратите и доколку се расипат замена на резервните делови. Ова значи дека 300.000 се максималната сума, но доколку нема потреба од замена на делови, сите пари нема да бидат потрошени.

Фитнес салата можат да ја користат пратениците секој ден и вработените во Службата на Собранието во вторник, четврток и петок од 16:30 по завршување на работното време до 19:30. Во деновите кога се одржуваат пленарни седници, фитнес салата се користи по завршување на седницата.

Треба да знаете
Последни објави