Албанскиот претседател Илир Мета честитајќи им го Меѓународниот ден на Ромите, призна дека ромската заедница и натаму „не е добро интегрирана во албанското општество”.
– И овој 8 април ромската заедница го дочекува не интегрирана во албанското општество. Образованието, домувањето, вработувањето и социјалната заштита и натаму се реален предизвик кој Ромите не можат да го надминат без поддршка од институциите и општеството, напиша Мета на Фејсбук.
Тој додава дека со емоции се потсетува на неодамнешната средба во Корча со неколку мајки Ромки, кои му се пожалиле на низа проблеми, со кои е убеден дека се соочуваат многу Роми во Албанија.
– Нивните минимални барања и загриженост се вознемирувачки за едно општество во 21 век. Затоа да не остануваме само на ветувања и иницијативи на хартија, да не губиме време за вистински да ја смениме тешката социјална и економска состојба на ромската заедница, порача Мета.
Според претставниците на ромските друштва, во Албанија живеат околу 200.000 Роми и тие се најмаргинализирана општествена категорија.