Search

Силјановска во Куманово: Имаме комунистичко Собрание во кое се носат однапред договорени одлуки

Кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова се обрати пред граѓаните во Куманово.

Пред кумановчани таа истакна дека во Собранието на Република Македонија има пратеници кои носат одлуки без дијалог и претходно договорени.

„Ние имаме еднопартиско послушно комунистичко собрание, ова не е навреда за минатото туку сакам да кажам дека без опозиција, без дијалог нема делиберативна демократија оти тоа значи расправа со аргументи. Ако 81 човек таму само чека да притисне на копчето бидејќи претходно веќе е донесена одлука тогаш тоа не е парламент“, истакна кандидатката за претседател.

Силјановска Давкова посочи дека во меѓународното право јасно стои дека со меѓународен договор не може да се прекрши Уставот на ниту една држава, алудирајќи на Преспанскиот договор кој го склучи владата на СДСМ.

Кажа дека според неа, волјата на граѓаните на 30-ти септември за референдумското прашање не е испочитувана и додаде дека нашите предци не се бореле за Северна Македонија.

„Заборавија дека не се суверенот, туку дека ја украле волјата на суверенот и си ги усвоија уставните измени. И така пишува дека вашите татковци и мајки пишува дека се бореле за Северна Македонија“, додаде Силјановска Давкова во говорот во Куманово.

Таа нагласи дека сите правни акти кои не се темелат на правните норми се ништовни и лесно оспорени.

„Кога било кој акт меѓународен ли е домашен ли е нема правен темел, кога не е правно втемелен тој е правно проблематичен и нему му се заканува ништовност, оспорување и тоа по правен пат, а не со сила, бидејќи силата ја оставаме на историјата. Но, ние веруваме во силата на зборот и јас ве уверувам дека тоа што го говорам го помнам, тоа што го помнам ќе го остварам“, подвлече кандидатката за претседател.

Силјановска Давкова побара масовна мобилизација и обединетост на граѓанитe за поддршка на 21 април и 5 мај се со цел, како што рече, да се врати правдата и правдината во Република Македонија.

Треба да знаете
Последни објави