Search

Укинување на „Идентитарист“ поради поврзаноста со убиецот од Краjстчерч

Австриската влада нареди денес да се провери можноста за расформирање на австриското десничарско-екстремистичко движење Идентитарист, бидејќи е установена поврзаност со убиецот во џамијата во Нов Зеланд, Aвстралијанецот Брент Тарант.

Доцна во понеделникот вечер, полицијата изврши претрес во станот на портпаролот на „Идентитарист” Мартин Селнер, бидејќи истрагата во врска со престојот на Тарант во Австрија покажа дека тој ѝ упатил голема финансиска донација на организацијата.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц истакна дека Австрија не толерира опасни идеологии, без оглед од која страна се тие.

Тој во изјавата за новинарите ја потврди финансиската поддршка од Тарант, а со тоа и поврзаноста на “Идентитарист” со него.

И вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Страхе најави целосно расветлување на односите меѓу Тарант и „Идентитарист”.

Тарант минатата година престојуваше во Австрија и потоа донираше 1.500 евра за „Идентитарист”.

Според Службата за заштита на уставноста и борбата против тероризмот (БВТ), „Идентитаристите” се „еден од водечките столбови на модерниот десничарски екстремизам”, кои се меѓународно вмрежени.

Селнер демантираше дека имал контакти со Тарант, но ја потврдил донацијата, како и дека се заблагодарил преку мејл.

„Идентитаристите” се модерни неонацисти, кои не можат да се препознаат по ќелави глави и војнички чизми, и имаат свои корени во Франција.

Оваа “нова десница” ја пропагира борбата против “размената на народите”, односно имиграцијата, на што се потпира и памфлетот на Тарант.

Селнер е една од водечките фигури на десничарското движење кое е активно во цела Европа.

Нивната идеологија се темели на „одбрана на Европа од претежно муслиманска масовна имиграција, но тврдат дека се „здрави патриоти“ кои се борат со политички средства.

Австриските власти уште од самиот почеток го окарактеризираа ова движење како екстремно десничарско.

Треба да знаете
Последни објави