Search

Изготвен документ за правата и заштитата на мигрантките во државата

Денес, кога го одбележуваме Меѓународниот ден на жената 8-ми март, Македонското здружение на млади правници го објавува документот за јавни политики насловен „Родови аспекти на миграцијата – идентификувана ранливост и потреби на мигрантките во Северна Македонија и чекори кон развивање на родово-сензитивни решенија и политики“. Овој документ е дел од активностите кои Македонското здружение на млади правници ги спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.

Во овој документ се анализира состојбата во однос на почитувањето на правата и заштитата на мигрантките во државата. Слабостите идентификувани во Северна Македонија вклучуваат постоење на рестриктивни политики, несоодветни сместувачки капацитети и генерално отсуство на сеопфатни податоци за мигрантките. Овој документ има за цел да влијае на развојот на соодветни родово-сензитивни политики кои се неопходни за да може во иднина да им бидат гарантирани и заштитени правата на мигрантките.

Препораките содржани во документот имаат за цел обезбедување на соодветна заштита на мигрантките и вклучуваат редовно обучување на вработените во релевантните институции и граѓанските организации, како и подобрување на капацитетите за сместување, особено на просториите наменети за жени. Прекинувањето на праксата на задржување на мигрантките, пред сѐ на бремените жени и самохраните мајки е исто така еден од најважните чекори коj треба да се преземе со цел да им се овозможи на жените целосен пристап до гарантираните права и одговор на нивните специфични потреби.

Документот може во целост да го погледнете и преземете овде.

Треба да знаете
Последни објави