Search

Ромa го отпушти Ди Франческо

Италијанскиот клуб Рома официјално објави дека се разделува со тренерот и поранешен играч на тимот, Еузебио ди Франческо. Веста за смената на експертот доаѓа ден по елиминацијата на „волците” од Лигата на шампионите. Рома загуби со 1:3 по продолженија на гостувањето кај Порто во реваншот од осминафиналето и го напушти турнирот, иако победи со 2:1 во Рим.

Одлуката за ослободување на Ди Франческо од функцијата е донесена за време на вонредната средба меѓу директорите Мончи, Мауро Балдисони и Гвидо Фиенга, тврди „Скај Спорт Италија”.

Во 87 официјални средби под водство на Ди Франческо, Рома забележа 46 победи, 18 реми и 23 порази. Ди Франческо ги презеде „волците” во текот на летото на 2017 година и во текот на минатата сезона го изведе тимот до полуфиналето на Лигата на шампионите. Оваа сезона сепак не почна добро за римскиот тим, кои се надвор од топ 4 во Серија „А” до денес, загубија со 1:7 од Фиорентина во четвртфиналето во Купот на Италија, а минатата сабота претрпеа болен пораз со 0:3 од Лацио во градското дерби.

Се очекува за привремен тренер на Рома да биде назначен 67-годишниот Клаудио Раниери, кој неодамна беше ослободен од Фулам. Раниери веќе ги предводеше Римјаните – помеѓу септември 2009 и февруари 2011 година. Во 2016 година искусниот стратег го изведе Лестер Сити до сензационално освојување на титулата на Англија, но во февруари 2017 „лисиците” го отпуштија поради слаби резултати.

Треба да знаете
Последни објави