Search

Заев: Новиот закон за СЈО не го спасува Ахмети

Премиерот Зоран Заев негира дека новиот закон за Јавно обвинителство кој го опфаќа и СЈО ќе го спаси од кривична одговорност лидерот на ДУИ Али Ахмети, бидејќи законското решение кое го продолжува мандатот на Катица Јанева не дозволува користење прислушувани разговори како докази во судница. Токму случајот „Попис“ во кој осомничен е Ахмети е отворен од прислушуваните разговори кои Јанева ги доби од Заев.

-Доказите постојат и апсолутно во ниту еден момент не се разгледуваше можноста некој да се спаси, некој да се оцрни или било што. Се создаде квалитетен закон со експерти, меѓународни и домашни кои што го работеа, и верувам дека на основа на тој закон ќе обезбедиме консензус како што и во 2015-та година е донесен законот за СЈО така и овој пат вредно е да направиме напори сите да застанеме зад него, рече премиерот Заев.

 

Според премиерот, тоа што бомбите нема да се користат како докази за случаите од 30 јуни 2017 не значи дека некој ќе се спаси од кривичн одговорност.

-Јас го читав законот, сите процеси за кои постојат докази продолжуваат како процеси и нема дилема за тоа. Доказите се живи и здрави тие постојат, не може некој да ги уништи, да ги сокрие, соодветно се распределуваат во државното обвинителство, понатаму во новото СЈО за висока корупција, во обвинителството за организиран криминал, во скопското или во некое од внатрешноста, рече Зоран Заев, претседател на Влада. Предметите соодветно се распределуваат затоа што докази постојат, т.н. бомби на СЈО ќе бидат само индиции, додаде Заев.

Ако законот биде изгласан, покрај Ахмети, од „бомбите“ како докази ќе се спасат и актуелниот вицепремиер за евроинтеграции Бујар Османи, пратеникот Антонио Милошоски, ексминистерот за финансии Зоран Ставрески, ексминистерот за здравство Никола Тодоров, поранешниот градоначалник на Карпош, Стефчо Јакомовски, како и експратеничката Силвана Бонева. Сите тие се осомничени во истраги кои СЈО ги започна по истекот на рокот од 18 месеци од формирањето.

Треба да знаете
Последни објави