Search

Претставена книгата „Песни за Палестина” од Панде Манојлов

Излезе од печат најновата книга поезија со наслов „Песни за Палестина” на битолчанецот Панде Манојлов.

Книгата содржи шеесетина песни исклучиво посветени на Палестина и страдањата на палестинскиот народ под окупација и неуморната борба да дојде до слобода.

Првата песна посветена на Палестина Манојлов ја објави во септември 1982 година во весникот „Нова Македонија”, инспириран од крвавите напади на палестинските логори Сабра и Шатила во кои беа убиени и ранети илјадници Палестинци.

-Песната веднаш беше препеана на арапски јазик од тогашниот скопски студент од Палестина, Абас Абделкарим,  и објавена во четиринаесет држави од арапскиот свет. Останатите песни се напишани во последните триесетина години, изјави за МИА поетот Манојлов.

Панде Манојлов е автор на дваесет и осум книги поезија и проза, дел од неговите песни се објавувани на повеќе јазици во светот. Манојлов е член на Друштвото на писателите на Македонија, како и на Македонско научно друштво-Битола.

Треба да знаете
Последни објави