Search

Бошњаковски: Во просек дневно имаме над 30 прашања од медиуми, одговорени над 80 проценти

Градиме амбиент на отвореност и транспарентност во рамки на државата и на меѓусебна доверба со медиумите. Постојат отворени комуникации од граѓаните кон Владата и од Владата кон граѓаните. Тоа што е потребно најверојатно е време за да се надминат некои останати практики од минатото, вели портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, во интервју за МИА.

Бошњаковски посочува дека постои политичка волја и оти веќе се направени конкретни чекори за поголема транспарентност, како кон медиумите така и кон граѓаните. Вели дека секогаш постои простор за подобрување и оти се отворени за сугестии и предлози. На дневна основа во просек примаат повеќе од 30 прашања од новинари од државата и однадвор, а процентот на одговорени барања на дневно ниво е над 80 отсто. Единствено за што е потребно повеќе време се барањата за интервју со претседателот на Владата кои, како што посочува Бошњаковски, се во исклучително голем број.

Во интервјуто дадено за МИА, Бошњаковски говори и за сопствените предизвици како портпарол на Владата, како и за борбата со лажните вести.

Kога ја презеде власта Владата вети транспарентност и отвореност кон граѓаните. Во изминатата година и пол што е она што е сменето, а што е останато исто?

– Тоа што можам да го кажам по година и пол е дека од првиот ден оваа влада има Министерство што е задолжено со владина одлука за транспарентност, отчетност и комуникации. Тоа е Министерството што го води министерот Роберт Поповски. Со самиот тој исчекор покажана е политичка волја и размислување како оваа влада гледа на политиките на транспарентност. Најважно од сè е што го креираме амбиентот на отвореност и транспарентност во рамки на државата, односно нашиот однос кон медиумите е двонасочен и градиме однос на меѓусебна доверба, што значи дека во ниедна пригода Владата кон медиумите не се поставила од аспект на нарачател на некои медиумски текстови, како што бевме сведоци во минатото.

Конкретно ќе набројам дел од активностите што ги направивме:

Во јуни 2017 година го почнавме процесот на декласификација. Министрите ги декласифицираа сите информации поврзани со трошоците за службени патувања и трошоците за репрезентација, а исто така се ограничи и сумата колку еден министер или именуван функционер може да троши на месечно ниво, за разлика од претходно, кога тоа беше неограничено.

Минатата година ја воведовме алатката за отчетност. Ова значи дека граѓаните јавно на секои шест месеци имаат увид во трошоците што ги прават министерствата, министрите како носители на јавни функции и сите останати именувани функционери во Владата. Тоа што е добро е дека оваа алатка на отчетност ја проширивме. Имаме и втор круг – носители на јавни функции што се под надлежност на Владата, а истото го упативме како препорака и до единиците на локалната самоуправа, до градоначалниците.

Во септември 2017 година овозможивме сите медиуми бесплатно да ги користат информациите од Централниот регистар. Претходно, кога бараа нешто, имаше одреден трошок што требаше да се плати. Новинарите беа чести корисници на овие услуги, особено оние што работат истражувачко новинарство, така што овозможивме тие трошоци повеќе да не постојат. Дополнително, барателите на информации од јавен карактер можат без надомест да ги добијат бараните информации во електронска форма, што исто така не беше случај претходно.

Една клучна работа што ја направивме беше и донесувањето на Законот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што обезбедува неколку аспекти клучни за транспарентност во насока на отворена комуникација и независност на Јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Начинот на кој ќе се избираат раководните тела во овие две институции овозможува висока професионалност, политичка независност во изборот и уредувачка политика за Јавниот радиодифузен сервис, која ќе биде исклучиво во интерес на граѓаните без грам влијание од политички структури.

Исто така имаме Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за информации од јавен карактер. Тука го намалуваме рокот од 30 на 20 дена. Повторно, имаме системско решение што оди во интерес на целосна отвореност и транспарентност.

Во моментот на веб-страницата на Владата на Република Северна Македонија постои нова секција „Отворена Влада”, каде што се објавуваат платите на министрите, нивните службени трошоци, огласи, анкетни листови, договори и анекси за јавни набавки на Владата, планови на Владата, списоци на вработени, полугодишни извештаи и цел сет документи.

Значи, не станува збор за политичка волја, туку се работи за нешто што конкретно се случува. Ние сите овие информации ги правиме достапни за граѓаните.

Што е со отвореноста на Владата кон медиумите?

Во насока на односите со јавноста што ги прави Владата еднаш неделно имаме прес-конференција на која комуницираме со сите медиуми и одговараме на сите поставени прашања. На дневна основа пристигнуваат во просек повеќе од 30 прашања од ваши колеги новинари, како од државата така и однадвор. Таму каде што имаме ингеренции како Влада и како владина служба за односи со јавност, а тоа се кабинетот на претседателот на Владата, кабинетот на вицепремиерот Анѓушев и министрите без ресор, имаме беспрекорна комуникација и работите течат на дневна основа. Со останатите министерства соработуваме исто така на дневна основа и каналите на комуникација течат одлично, со таа разлика што тие се посебни институции што имаат посебни оддели за комуникација со медиумите и комуницираат со нив.

Се разбира, во одредени ситуации имаме тешкотии додека се формира одреден одговор, но можам да кажам дека процентот на одговорени барања на дневно ниво е над 80 отсто. Кога нема одговор речиси во сите случаи станува збор за тоа дека во моментот го немаме веродостојниот одговор и ни е потребно време за да го добиеме, со цел да го спремиме финалниот одговор до медиумите. Меѓутоа, мислам дека имаме успешност над 80 проценти во одговарање на различни медиумски барања.

Единствено за што можеби е потребно време се барањата за интервју со претседателот на Владата, кои се во исклучително голем број и постои голема листа на домашни и меѓународни новинари. Тука почитуваме еден етички однос кон сите, почитуваме ред кој кога го поднел барањето… Се разбира, мора да биде земена предвид и агендата на премиерот. Единствено тука имаме малку подолг рок за чекање.

Инаку, останатите комуникации се целосно отворени. Постојат ситуации кога медиумите очекуваат побрз одговор и се трудиме да ги запазиме роковите. Се разбира, не секој одговор ги задоволува потребите, меѓутоа ние одговор даваме.

Каква е реакцијата од медиумите?

Во моментов сè уште е активно истражувањето што го испративме до медиуми. Очекуваме да ги сумираме резултатите со цел да направиме евалуација на работата на Секторот за односи со јавност. Првичните резултати што ги видовме варираат и, иако повеќето одат во насока дека успешно комуницираме со медиумите, сепак постои можност да се подобрат нештата. Ние имавме некои свои размислувања како да го зголемиме протокот на информации. Можеби вие, новинарите, имате поинакви размислувања. Мислам дека истражувањето наскоро ќе биде затворено, ќе се сумираат сите одговори како реакција од медиумите и новинарите и врз основа на одговорите, доколку се повторуваат одредени специфични предлози и барања, ќе излеземе со конкретни чекори како да ги подобриме комуникациите. Инаку, и досега сè што имаме направено било во комуникација со медиумите и новинарите. Конкретно, на почетокот одржувавме редовен владин брифинг, но по барање на медиумите, сега одржуваме редовна прес-конференција…

Со вадењето на железната ограда и со организирањето јавни дебати на кои присуствуваат сите засегнати страни се обидувате да покажете отвореност и кон граѓаните. Имате ли реакција од нив?

Потребно е најверојатно повеќе време за да се постигне тој идеален баланс, кој е посакуван и за граѓаните и за Владата. Фактот дека сме отворени никој не може да го порекне. Не е само оградата. И кога постоеше оградата, ние имавме скејтери, имавме млади луѓе кои во дворот на Владата во летниот период седеа и се дружеа. Постојано имаме посети во Владата од деца, секој ден доаѓаат граѓани со специфични барања и потреби, кои се примени во согласност со можностите на луѓето кои ги бараат. Отвореноста е очигледна. Постојат отворени комуникации од граѓаните кон Владата и од Владата кон граѓаните. Тоа што е потребно најверојатно е време за да се надминат некои останати практики од минатото. Оваа влада е влада на граѓаните и ние секогаш ќе бидеме отворени. Се обидуваме во рамки на можностите да им излеземе во пресрет на сите.

Има некои институции кои имаат проблем да го следат моментот на отвореност и кои можеби не ги почитуваат законските рокови, но политичката волја е несомнена, а капацитетите очигледно некаде се помали.

Прифативте да ја извршувате функцијата портпарол на Владата. Дали транспарентноста што ја вети Владата беше една од причините што прифативте да ја извршувате оваа функција?

Севкупните политики што ги водеа претседателот Зоран Заев и СДСМ во времето додека беа опозиција и граѓанскиот аспект на целата таа борба беа во целосна усогласеност со моите лични убедувања. И ден-денес е така.

Тоа значи дека не сте се покајале?

Без никаква дилема. Сите одлуки, политики и програми што ги имплементираме како Влада се во потполно равенство со моите лични ставови како граѓанин на нашата држава. Секогаш постои простор за унапредување на процесите како и подобрување, но фактот дека од почетокот на работата на оваа влада до ден денеска отвореноста и транспарентноста како принципи на делување остануваат непроменети е доволен показател дека ние како влада имаме целосно разбирање дека ние сме овде заради граѓаните.

Дали по година и пол не се фаќате во замката наречена власт. Ве критикуваат дека полека ја губите битката со ПР-от и лажните вести?

– Одговорно можам да кажам дека во ниеден момент Секторот за односи со јавност не направил злоупотреба на интенцијата на комуникацијата, што значи го градиме тој двонасочен однос и градиме систем на доверба првенствено кон медиумите, бидејќи вие сте тие што ги пренесувате информациите понатаму. Се разбира, власта е специфична по многу нешта, меѓутоа во однос на Секторот за односи со јавност и начинот како комуницираме, во однос на тоа дека премиерот е секојдневно присутен во сите вести и одговара секогаш на прашања, тој принцип останува. Битката, пак, со лажните вести е поврзана со кредибилитетот и довербата што ја имаат граѓаните во институциите. Наше е секогаш да ја кажуваме вистината и да ги пренесуваме информациите такви какви што се, вистинити и реални и во вистинско време. Факт е исто така дека довербата на граѓаните во сите институции во нашата држава е исклучително нарушена и мала и тоа е процес што може да се промени и да биде реверзибилен само со текот на времето и со искрени и вистинити информации. Од аспект на лажните вести се трудиме да се бориме, но факт е дека во денешно време социјалните медиуми играат еден вид улога на трансмитер на комуникација на информации кон пошироката јавност и дека на социјалните мрежи не постои регулација, но добро е што е така. Кај лажните вести исклучително е важно дека мејнстрим-медиумите треба да бидат тие што ги лоцираат, што не ги креираат. Имавме ситуации во минатото кога лажни вести се креираа на непознати портали, па имавме мејнстрим-медиуми за време на претходната власт што ги преземаа како реални вести. Тоа е тоа против кое ние се бориме. Таков амбиент повеќе да нема во Македонија. Ова е глобален проблем, а единствениот механизам што го имаме се отвореноста и транспарентноста.

Треба да знаете
Последни објави