Search

Есер Џевахир: Ја промовирам Македонија каде и да сум во светот

Есер Џевахир е млад и успешен турски бизнисмен, сопственик на најлуксузниот комплекс за живеење во Македонија, потпретседател на Турската стопанска комора, македонски конзул во Едрене и веќе неколку години скопјанец, а од лани и со македонско државјанство. Член е на Управниот одбор на Балканскиот универзитет и човек кој кога го почна бизнисот во земјава рече дека Џевахир Холдинг се чуствува како да е домашна фирма.  

Сопственик сте на „Џевахир Скај Сити“, најлуксузниот комплекс за живеење во земјава, а веројатно и во регионов. Зошто се одлучивте за инвестиција во земјава?

Како компанија која што има долгогодишно минато во водење на бизнис, освен во Турција и во различни држави во светот, решивме да инвестираме во Македонија оти веруваме во развојот и во иднината на земјата. Освен тоа, особено поради тоа што е блиску до Турција, брзата пристапност за потребата од човечка сила, материјали, и сите останати потреби придонесоа за позитивно влијание врз нашата одлука за инвестиција во Македонија.

Интересот за станови во вашиот комплекс постојано расте. Колку станови има непродадени во моментов?

Како што ви е познато двата блока ги пуштивме во продажба. Во овие два блока одредени типови на станови целосно се продадоа и во моментот почнавме да примаме предрезервации за третиот блок. Моментално процентот на исполнетост во двата блока е 80 отсто.

Што нуди „Скај сити“ за своите станари ?

„Скај сити“ на своите станари им нуди концепт на живеење од 360 степени. Односно тоа за што зборуваме е многу повеќе од стан. Проектот е планиран да го направи животот полесен за задоволување на вашите социјални потреби без да ја напуштите зградата во која живеете.  Начелно нудиме: 24/7 обезбедување, хигиена, техничка услуга, базен, фитнес, сауна, парна бања, турска бања, соба за масажа, салон за убавина, спа, простории за дневен престој ,воедно и експресниот супермаркет и детско игралиште кое наскоро ќе бидат отворени во зградата. Освен сето ова нудиме, материјали од прва класа, високотехнолошко автоматско управување, систем за автоматизација на пожар, најнова технологија на брзи лифтови и многу повеќе предности.

 

Дали само Македонци ги купуваат становите или има и странски државјани и од каде?

Иако не се работи за голем број, сепак имаме странци кои купуваат и тоа најмногу од САД, Италија и Турција.

Трговскиот центар во рамките на „Џевахир Скај Сити“ интензивно се гради. Кога да го очекуваме неговото отворање и дали ќе се продаваат деловните прострии?

Бидејќи почнавме со градбата во зима, се движиме со брзина колку што дозволува времето. Во рок од две години планираме да бидеме подготвени за отварање.

Има ли најава за светски брендови во трговскиот центар, а кои ги нема во Македонија?

Бидете подготвени за убави изненадувања.

Што се случува со проектот „Сан Сити“? Кога треба да почне изградбата на елитната населба во Сопиште?

Она што досега е извршено е еден милион метри кубни ископ. Можам да кажам дека  се направени првичните подговотвки на земјиштето на кое што се наоѓаме за започнување со работа и изградени се патиштата за движење во парцелата. Планираме да започнеме во првата половина на 2020 година.

Потпретседател сте на МАТО, турската стопанска комора во земјава. Колку турски капитал има во земјава и има ли најави за нови инвестиции?

Да, вкупниот обем на турски инвестиции во Македонија во моментов изнесува  околу 1 милијарда евра. Постојат компании кои се наоѓаат во сериозни преговори за нови инвестиции, но не би било етички да се изговорат нивните имиња поради зачувување на приватноста. Тие во моментот  особено се сконцентрирани во слободните зони.

Македонски конзул сте во Едрене? Како дојде до ова?

Од првиот ден кога почнав да работам во Македонија ја промовирам земјата во сите области за кои верувам дека ќе бидат од корист за Македонија, и без разлика каде сум во светот, преку трговските комори или преку разни невладини организации секого го поканувам да дојде во Македонија. Во Турција секоја провинција треба да има свој свет на бизнисот, културата, уметноста и да отелотворува многу важни вредности во социјалната сфера, и Едрене е еден од тие градови. Особено што ние сме навистина во блиски односи како соседи, и се надевам дека заедно ќе придонесеме оваа ситуација да ја претвориме во профитабилна можност за Македонија. Посебно би сакал да ја изразам мојата благодарност кон македонската држава која што ме удостои со моето назначување на оваа горда должност.

Имате ли некои корени од Македонија?

Не немам, но бабата на мојата сопруга има потекло од Македонија, меѓутоа пред многу години се исселиле во Турција.

Член сте на Управниот одбор на Балканскиот универзитет. Кои се целите на универзитетот?

Да, оваа должност ја водам една година. Исто така, покрај Балканскиот Универзитет, имам членство во советодавниот одбор на Бахчешехир Универзитетот во Турција и работам како член на советодавниот одбор на Кевин Рос, претседателот на Лин Универзитет во Флорида, САД. Искрено имам година испреплетена со образованието.Главната цел на Балканскиот универзитет е едуцирање на млади генерации кои може да застанат на сопствени нозе во рамките на светската динамика што брзо се развива, да овезбедат позитивен придонес кон светот и човештвото во кое живееме, да развијат самодоверба, слободно размислување и најважно од се, да никнат среќни генерации. Покрај тоа, ние се подготвуваме да воведеме иновации во многу различни области надвор од традиционалниот образовен систем во учебната 2019/2020 година. Ние овој семестар веќе почнавме да ги применуваме овие иновативни програми и напредуваме многу успешно.

Македонски државјанин сте веќе една година. Каде живеете во моментов и дали семејството е со вас?

Да, три години заедно со семејството живеевме во Скопје, во моментов они се во Турција, но често доаѓаат. Најмалку три до четири дена во неделата сум во Скопје, но поради мојата работа постојано патувам во различни делови од светот. Искрено, во Македонија пред се луѓето и природата многу ми се допаѓаат. Но доколку физички треба да ги набројам сите омилени места, за релаксација и размислување кањонот на Матка,  за пешачење покрај кеј на Вардар, а доколку сакам да ја почувствувам градската атмосфера, многу ми се допаѓа плоштадот. Најголемата удобност за мене е практичноста на управување со времето, бидејќи растојанијата се блиску од едно место до друго.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави