Џафери-Цакај: Честитки за храбрите политички чекори за откочувањето на евроатланските интеграции

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери и заменик-министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај на денешната средба изразиле задоволството за ратификацијата на пристапниот Протокол за НАТО во албанскиот Парламент.  Притоа била нагласена одличната соработка меѓу Тирана и Скопје во изминатите години, како и напорите на Албанија за поддршка на нашата држава на европскиот пат.

Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, нагласил дека Република Северна Македонија е на сигурен пат кон НАТО, а државата посветено работи на исполнување на неопходните реформи и задачи за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ.

-Свесни сме дека ова не е лесен процес, но со сите сили и капацитети Собранието и Владата работат на постигнување на посакуваната цел, истакнал Џафери. Тој ја нагласил неопходноста од соработка на сите политички чинители заради исполнување на обврските за доброто на граѓаните и на државата, ставајќи посебен акцент на интензивирањето на економската соработка помеѓу двете земји.

Заменик-министерот Цакај упатил честитки за храбрите политички чекори за откочување на процесот на евроатланските интеграции.

-Република Северна Македонија не е само земја сосед како резултат на случајни географски околности, туку и пријател и стратешки партнер со кој односите ги градиме преку конструктивен дијалог и ефективна соработка. Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО и заедничкиот пат кон ЕУ е додадена вредност за развој на регионот и особено за негување на мирот и стабилноста, истакнал Цакај.

Двете земји очекуваат во јуни на Самитот на ЕУ да биде потврдена одлуката за отпочнување на преговорите со ЕУ.

На средбата станало збор, меѓу другото и за Коридорот 8 и за можноста за скоро потпишување на иницијативата за воспоставување културни центри во двете земји, како и за кандидатурата на Република Албанија за непостојана членка на Советот за безбедност за периодот 2022-2023 година.

Треба да знаете
Последни објави