Хамени на средба со Асад: Иран се гордее што и помага на Сирија

Сирискиот претседател Башар ал Асад, кој е во службена посета на Иран, се сретна со иранскиот претседател Хасан Рохани и со иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамени.

Ова е едно од неговите ретки патувања во странство од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.

Ајатолахот Хамени на состанокот со Ал Асад изјави дека Иран е горд со тоа што и помага на сириската Влада и на народот, објави иранската новинска агенција ИРНА.

За време на состанокот, Хамени истакнал дека „клучот за успехот за пораз на Соединетите Американски Држави и нејзините регионални агенти во Сирија е упорноста на претседателот (Ал Асад) и народот на таа земја”.

Како што јавува ИРНА, тој предупредил и на идни непријателски заговори.

Повикувајќи на натамошни посети на ирански и сириски функционери, иранскиот врховен лидер ја нагласил потребата за презентирање на духот на отпорот на сирискиот народ.

Асад се заблагодарил на Иран за неговата доследна поддршка на Сирија.

Ова е прво патување на Ал Асад во Иран во последните осум години. Минатата година тој беше во Русија каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, во Сочи.

Треба да знаете
Последни објави