Search

Фазлиу: Претседателот Трајковски би бил горд на позицијата која ја има нашата држава во регионов, во Европа и светот

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и заменик министерот за култура Владимир Лазовски, присуствуваа на одбележувањето на 15-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски во Ротмиље, Босна и Херцеговина.

Министерот Сухејл Фазлиу, во своето обраќање оддаде почит на претседателот Трајковски и осумтемина наши сограѓани, кои трагично загинаа во авионска несреќа во близина на Мостар.

Обраќајќи се пред присутните тој го истакна значењето и придонесот на починатиот претседател Трајковски за денешната перспективност на државата како и големината на одлуките коишто го одбележаа неговиот мандат.

„Денеска сме тука да оддадеме почит на една голема личност во македонската историја. Борис Трајковски како претседател на државата постави нови обележја за тоа како треба да постапува шеф на една држава. Од денешна перспектива треба да му бидеме благодарни за многу работи. Тој знаеше како да ги стави државните интереси пред своите и пред тесно партиските интереси.  За него Република Северна Македонија беше пред сè и над сè. Знаеше како да балансира меѓу политиките, внатрешните недоразбирања и надворешните фактори. Токму неговата дипломатска политика и искрена намера доведе до потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Тоа е голем чекор што покажа искрен државнички потег, одлука зад која застана“, истакна Фазлиу.

Фазлиу пред присутните ги потенцираше најзначајните моменти што ја поттикнаа меѓународната почит и државничкиот авторитет за Трајковски.

„Благодарение на твојата храброст и визионерство во моментите на најголемата безбедносна криза за нашата земја, кога покажа прозападни и демократски вредности дотогаш невидени за балканските политичари, успеа да ги надминеш националните бариери и да бидеш носител на мирот преку затворање на воениот конфликт со Охридскиот рамковен договор. Твоето лидерство преточено во Рамковниот договор ги утврди темелите на тоа што денеска мојата Влада во која јас сум министер го нарекуваме Едно општество за сите. Убеден сум претседателе дека токму ТИ би бил горд на позицијата која ја има твојата македонска држава во регионов, во Европа и во светот“, рече Фазлиу.

Исто така министерот дополни дека начинот на којшто Трајковски ја водеше политиката и успешното менаџирање со меѓународниот фактор спречи голем судир во државата. „Концептот на мултиетничко општество е концепт кој мора да фукционира во ера на глобализацијата каде границите полека исчезнуваат, а народите се зближуваат. Трајковски нè научи дека наместо за разлики, треба да зборуваме за сличности, да учиме едни од други, да научиме повеќе за нас, за другиот до нас. Во духот на твојата визија да создаваме општество на еднакви граѓани, а не на доминантни етнички заедници, го остваривме како цивилизациско право правото на сите граѓаните да го употребуваат и да комуницираат на својот мајчин јазик. Иако сум етнички Албанец, денеска со гордост можам да кажам дека Македонскиот јазик е подеднакво и МОЈ. Националниот идентитет на моите сограѓани етнички Македонци исто така повеќе не е оспоруван. Ние помладите генерации имаме многу да учиме од вакви големи политичари“, дополни министерот Фазлиу.

Македонската делегација положи цвеќе на местото на несреќата каде на 26ти февруари 2004 година заедно со претседателот Трајковски загинаа и осумчлена македонска делегација која патуваше на меѓународна конференција во Мостар. Во авионската несреќа животите ги загубија и портпаролот на претседателот Трајковски, Димка Илкова Бошковиќ, советниците на претседателот Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Треба да знаете
Последни објави