Search

Македонско семејство годишно фрла по 1,5 тон ѓубре

Во текот на минатата година во Македонија е собран комунален отпад од 635.875 тони, а количеството на вкупно создаден комунален отпад изнесува 786.881 тони, стои во официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Годишното количество, пак, на создаден комунален отпад по жител во 2017 година изнесува 379 килограми, што е за 1,3 отсто помалку од истото количество во 2016 година.

Износот на комуналниот отпад што се создава по лице во Европската унија (ЕУ) во 2017 година изнесува 487 кг, близу до нивото во 2016 година (486 кг по човек). Во 2014 година оваа бројка достигнала ниска точка од 478 килограми по лице, а оттогаш има зголемување во секоја година. Споредено со останатите држави Македонија е на средината на табелата на државите во кои се фрла најмногу ѓубре.


Износот на создаден комунален отпад варира значајно во земјите-членки на ЕУ. Во пет од 25 земји за кои се достапни податоци за 2017 година, произведени се повеќе од 600 килограми комунален отпад по лице: Данска (781 кг / лице), потоа Кипар (637 кг / лице), Германија (633 кг / лице) , Луксембург (607 кг / лице) и Малта (604 кг / лице).
Спротивно на тоа, имаше три земји кои генерираа помалку од 350 кг комунален отпад по лице: Романија (272 кг / лице), Полска (315 кг / лице) и Чешка (344 кг / лице)
– стои во официјалното соопштение на Еуростат.

Споредено со 2016 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2017 година бележи зголемување од 4,2 отсто. Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во скопскиот регион – 164.246 тони или 25,8 отсто од вкупното собрано количество во Република Македонија. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 527.700 тони или 83 проценти се собрани од домаќинствата, а останатите 17 проценти од правни и физички лица (комерцијален отпад). Според видовите на отпад, најголемо количество на собран отпад е измешан комунален отпад, 554.280 тони или 87,2 отсто, а најмало количество отпад од гума, 1.007 тони или 0,2 отсто од вкупното количество собран комунален отпад. Најголемото количество на собран комунален отпад, односно 99,4 проценти се отстранува на депонија.

Најмногу од отпадот кој се собира е мешан, оти не рециклираме доволно. Официјалните податци покажуваат дек има и енормно зголемување на медицинскиот отпад во државава. Од 2014 година до 2017 количината на игли, шприцеви и останат отпад кој секојдневно останува по медицинските установи се зголемил за цели 318 тони. Ако во 2000 година кога е донесена печката за согорување во неа се гореле 114.900 килограми медицински отпад, во 2017 година таа бројка е 890.988 килограми. Експертите за 24 инфо велат дека селектирањето на медицинскиот отпад, но и организираното собирање се главна причина за зголемената количина која се гори во Дрисла.

За 17 години колку што се согорува медицинскиот отпад на Дрисла, количина е зголемена за десет пати. Во Депонијата велат дека медицинскиот отпад како посебен вид на отпад, како и поради своите специфични карактеристики бара посебен третман. Како таков мора да биде одвоен од комуналниот отпад, како при процесот на неговото настанување така и при процесот на неговиот транспорт.

Медицинскиот отпад што треба да биде согорен може да биде донесен со возило на депонијата или со возило на странките. За потребите на медицинските установи од Градот Скопје и околината, а согласно Решението на Министерството за здравство, ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО е единствено претпријатие кое врши собирање и согорување на медицински отпад, односно негова обработка.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави