Search

Литванскиот министер: Сега гледам светла иднина за Македонија

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Од собраниската прес-служба соопштија дека средбата поминала во пријателска и конструктивна атмосфера, а биле разменети повеќе информации и мислења околу идната соработка на двете земји како на билатерален така и на мултилатерален план, особено во рамките на нашите евро-атлански интеграции.

Министерот Линкевичиус истакнал дека денешна посета ја доживува многу поразлично од неговата претходна посета бидејќи сега тој гледа светла иднина за Република Македонија.

„Литванскиот министер даде посебен осврт за досегашната соработка меѓу двете земји, особено во рамките на проектите и програмите на ЕУ за помош и поддршка на нашата земја во различни области, како финансискиот сектор, јавната администрација, јавниот менаџмент, владеење на право итн. Тој се согласи за улогата и важноста на парламентите во наредниот период на отворање на пристапните преговори и поглавјата со ЕУ и потенцираше дека треба целиот капацитет да се вклучи во реформските процеси“, велат од собраниската прес-служба за средбата.

Претседателот Џафери, како што соопштија од Собранието, го информирал литванскиот министер дека сега по заокружувањето на обврските околу ратификацијата на преспанскиот договор, законодавниот дом ќе продолжи да игра клучна улога во донесувањето на потребните реформски закони и во тој контекст истакнал дека очекува до средината на месец февруари да се усогласат и донесат со забрзано темпо, со цел да се исполнат претстојните обврски до јуни оваа година, кога очекуваме и датум за почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави