Search

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ тактизираат кого да кандидираат за градоначалник на Охрид

Освен за претседателски кандидат, во двете најголеми партии се расправа за нивниот кандидат за градоначалничката фотеља во Охрид, Ново Село и Дебар. Изборот на прв човек на Охрид секако е прашање од голем интерес на двете партии, па затоа се оди на сигурен избор и кандидат за кој сметаат дека охриѓани ќе му дадат свој глас.

Порталот ohridnet.com дава интересна анализа за тоа кој биде идниот градоначалник на Охрид.

„И двете партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ  тактизираат,  прават калкулации,  кој ќе биде кандидатот што  ќе привлече најмногу гласови на следните предвремени избори за градоначалник,кои ќе се одржат  поради прераната и ненадејна смрт на градоначалникот Јован Стојаноски,  кој  за жал само малку повеќе од една година беше татко на градот.

Се прават анкети и анализи, но и охриѓани анализираат и даваат свои предлози.

Во градските „кругови“ се вртат неколку имиња  од СДСМ. Едно од најинтересните е името на Живка Ангелоска,  актуелен претседател на Советот на општина Охрид. Ангелоска беше најблискиот соработник на починатиот градоначалник  Стојаноски, со кого беа семејни пријатели повеќе децении.

Ангелоска е докажан менаџер, таа во минатото беше директор на ЈП „Градски пазар“ и остана запаметена по тоа што претрпијатието го остави со позитивно салдо. Таа  е долгогодишен член на СДСМ, непосредна, културна, амбициозна жена, која знае и умее да се справи со бројните предизвици и одлично се снаоѓа како прв човек на Советот на општина Охрид. На минатите избори Битола , Арачиново и Македонска Каменица добија жени градоначалници, кои управуваат со општините. Функцијата градоначалник не е предодредена  само за мажи, има безброј успешни примери, т.е.  општини менаџирани од страна на жени!

Меѓу останатите посериозни  имиња од СДСМ е и актуелниот в.д. градоначалникот Константин  Георгиески, кој беше советник  во градскиот Совет. Млад и успешен доктор, сопственик на приватна здравствена установа.  Тој во изјава за медиумите кажа дека иако станува збор за исклучително тешка и одговорна функција,  ќе се кандидира само доколку неговата матична партија (СДСМ)  го побара тоа од него.  Георгиески  веќе седи во градоначалничката фотелја, тој има прилика да се соочи со овој голем предизвик.

И од страната на опозицијата се вртат неколку  интересни имиња, можни кандидати за градоначалници. Се споменуваат координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Кирил Пецаков, претседателот на огранокот од Охрид Сашо Донев , но највпечатливо е името на  адвокатот Мишел Наумоски.

Наумоски е познат, докажан адвокат, но  и успешен  бизнисмен од градот. Тој важи за  непосреден, комуникативен и амбициозен  човек, подготвен за предизвик. Единствен кој досега јавно кажа дека има амбиции да седне во градоначалничката фотелја и веќе има свој план и програма за поубав Охрид. Кој е Мишел може да прочитате на следниот линк, кога тој беше избран  да биде дел од рубриката „Во светот на успешните“  на Охриднет  уште пред три години.

Доктор Кирил Пецаков  е во партија од младинец, тој денес е   член во Извршен комитет на партијата. Донев е претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ Охрид, во минатата локална власт беше директор на ЈП „Нискоградба“.Сите тројца долгогодишни лојални и активни членови на ВМРО ДПМНЕ. Кој ќе биде кандидатот на ВМРО ДПМНЕ секако  ќе одлучи партијата после направените анкети и анализи“.

Треба да знаете
Последни објави