Search

За три години медицинскиот отпад зголемен за 318 тони

Енормно зголемување на медицинскиот отпад во државава. Од 2014 година до 2017 количината на игли, шприцеви и останат отпад кој секојдневно останува по медицинските установи се зголемил за цели 318 тони. Ако во 2000 година кога е донесена печката за согорување во неа се гореле 114.900 килограми медицински отпад, во 2017 година таа бројка е 890.988 килограми. Експертите за 24 инфо велат дека селектирањето на медицинскиот отпад, но и организираното собирање се главна причина за зголемената количина која се гори во Дрисла.

За 17 години колку што се согорува медицинскиот отпад на Дрисла, количина е зголемена за десет пати. Во Депонијата велат дека медицинскиот отпад како посебен вид на отпад, како и поради своите специфични карактеристики бара посебен третман. Како таков мора да биде одвоен од комуналниот отпад, како при процесот на неговото настанување така и при процесот на неговиот транспорт.

Точно е дека количината на отпад кој се согорува е неколкукратно зголемена. Но ова се должи не само на фактот дека има повеќе во количина туку и поради тоа што долги години истиот се фрлаше заедно со другиот отпад во контејнер. Сега се селектира и организирано се собира. Згора на тоа се отворија многу старечки домови каде има сестри доктори и секојдневно има интервенции и отпад. Но печката има капацитет од 500 до 1.400 тони на годишно ниво- вели директорот на „Дрисла“ Горан Ангелов. Тој објснува дека транспортирањето се врши во контејнери со две специјални возила за медицински отпад и три комбиња.

Од „Дрисла“ велат дека за добивање на нивните услуги, корисникот потпишува договор со кој се одредува начинот на кој се врши собирањето на медицинскиот отпад.

-Во моментот на потпишување на договорот се договара динамиката на работење по која ќе се постапува. Со поголемите создавачи на медицински отпад се прави договор за собирање и транспортирање на медицински отпад со мерна единица килограм, а со помалите мерена единица кутија со утврдена тежина од  5 килограми. Мерењето на килограм се врши со вага која е поставена на специјалното возило.

По утврдување на тежината во килограми или броењето на кутиите се издава белешка потпишана од двете странки,давателот и корисникот на услугите. Како основа за идентификација на медицинскиот отпад се зема амбалажата која треба да биде во жолта боја. Од поголемите создавачи на медицински отпад, каде што се собира на мерна единица килограм, однапред се утврдува денот кога треба да се подигне медицинскиот отпад од причина што може да се испланира.

Од помалите создавачи на медицински отпад, каде што собирањето е во кутија (според досегашните согледувања) сите оние што создаваат една или повеќе од една кутија во месецот се со планирана динамика, а од останатите доколку не бидеме повикани ќе бидат посетени во втората половина во месецот или во четвртата недела по предходното собирање.Поголемите количини на медицински отпад што треба да се согорат во инсенераторот се мерат на електронска вага во приемно – отпремното одделение, а помалите количини на медицински отпад се мерат на дигитална вага што е поставена кај печката за согорување- велат во „Дрисла“.

Медицинскиот отпад што треба да биде согорен може да биде донесен со возило на депонијата или со возило на странките. За потребите на медицинските установи од Градот Скопје и околината, а согласно Решението на Министерството за здравство, ДРИСЛА – СКОПЈЕ ДОО е единствено претпријатие кое врши собирање и согорување на медицински отпад, односно негова обработка.

За таа цел во кругот на депонијата е поставена печка за согорување на медицинскиот отпад – инсенератор, со капацитет од 200 кг на час согорување на медицински отпад или 500 до 1.400 тони на годишно ниво. Инсенераторот (печката за спалување на медицински отпад) е дониран на Р.Македонија од Британската Влада. Донесен е на локалитетот Дрисла во Февруари 2000 година, а пуштен е во употреба во Април 2000 година- велат од таму.

Инсенераторот лоциран во депонија Дрисла е со основна намена за спалување на медицински отпад и лекови со поминат рок. Но, исто така во него може да се согорува и друг вид на отпад по барање на правни и физички лица.

Валентина Ангеловска

 

Треба да знаете
Последни објави