Search

СДСМ: Мицкоски глуми загриженост, а директно е одговорен за загадувањето

Се јави Христијан Хидро Мицкоски, човекот што сноси директна одговорност за зголемувањето на аерозагадувањето, поскапувањето на струјата и зголемувањето на сиромаштијата. Ваква е реакцијата на СДСМ по повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да биде прогласена вонредна состојба поради загадувањето.

СДСМ оценува дека е лицемерно Мицкоски да глуми загриженост за проблемот со загадувањето по владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и не преземањето ништо.

„Хидро Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ 100 проценти ја зголемија цената на струјата, што влијаеше илјадници домаќинства да преминат на нееколошки начин на загревање. Дополнително, поради криминалните интереси на ВМРО-ДПМНЕ, не презедоа ништо за загаденоста на воздухот. Мицкоски молчеше 11 години за загаденоста на воздухот. Бизнисот со хидроцентрали што го доби од својот шеф, Никола Груевски, му беше поважен од здравјето на граѓаните. Мицкоски да не глуми загриженост. Сега сите институции се посветени на решавање на проблемот со загадувањето“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Владејачката партија тврди дека по 11 години игнорирање на проблемот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се преземаат сериозни мерки на краток, долг и на среден рок, кои имаат цел да стават крај на долгогодишниот проблем.

„Станува збор за сложен и долгорочен проблем за кој е потребно време, но сите институции се силно посветени на негово конечно решавање“, велат од СДСМ.

Треба да знаете
Последни објави