Search

Организацијата на потрошувачи ги едуцира граѓаните за ГМО

Јаболки кои не ја менуваат бојата кога се исечени, супер јајца кои лекуваат дијабет, лосос кој брзо расте и за неколку недели ја добива посакуваната тежина, свињи кои се помалку штетни за околината… Звучи нестварно или како сцена од некој научно- фантастичен филм од иднината, но ова е само дел од Генетски модифицираната храна која се произведува во светот. Надлежните институции велат дека во земјава не може да се купи ништо кое содржи ГМО. Но само за кратко.Од годинава ќе се дозволи производство на Генетски модифицирана храна во земјава.

Агенцијата за храна најави измени на Законот за безбедност на храна во кој точно ќе се дефинира како храна која содржи, е составена или произведена од генетски модифицирани организми може да се пласира на пазарот. Откако ќе се донесе законот сите операторикои ќе одлучат да произведуваат ГМО храна ќе мора предходно да ги поминат строгите законски и подзаконски процедури на одобрување. Законот ќе дозволува праг на толеранција до 0,9 отсто и доколку содржи повеќе од тоа задолжително ќе мора да се декларира дека има Генетски модифицирани организми во неа.

Во меѓувреме „Организацијата на потрошувачи на Македонија“ во последниот билтен ги едуцира граѓаните токму за овој ип на храна.

-ГМО- културите во себе носат информација за одредено својство кое им овозможува опстанок во неповолни и/или екстремни климатски услови, или, пак, го подобрува нивниот квалитет. Тука спаѓаат култури толерантни на хербициди и пестициди, отпорни на штетници и вируси, отпорни на суша или мрзнење, или, пак, култури со подобрен принос и квалитет. А придобивките, пак, од храната која ги содржи овие генетски модификации се состои во продолжен рок на употреба и зголемена хранлива вредност.

На прашањето зошто човекот почнал да ги произведува ГМО, објаснувањето од ОПМ е дека според прогнозите на Обединетите нации, светската популација ќе достигне бројка од 9 милијарди до 2050 година, па оттаму се наметнува потребата од зголемено производство на земјоделски култури.

Секоја година, пак, сме соочени со драстично зголемени климатски промени кои резултираат со поплави, суши и ширење на болести кај растенијата, што претставува сѐ поголема закана за одгледувањето на голем број од тие култури. тоа значи дека во децениите што следат ќе биде сѐ потешко да се прехрани светската популација, што претставува голем предизвик за генетски модифицираните култури – дали ќе можат да го постигнат тоа? Со цел да се засее култура која ќе даде поголем принос, со поголема хранлива вредност, со истовремено намалена употреба на пестициди, особено на инсектициди, како и да се ограничи дејството на токсичните хербициди, во светот се произведени култури кои содржат генетски модифицирани организми, односно генетски модификации. Со производството на ГМО културите отпорни на органофосфорниот хербицид глифосат, се овозможува зголемен принос на пченка, соја, памук, маслодајна и шеќерна.

На прашањето кое е мислењето за ГМО во научните кругови, во брошурата стои дека негативни последици по здравјето на потрошувачите не се регистрирани, но тоа не значи дека ги нема, туку дека сѐ уште не се дефинитивно идентификувани.

Европската унија има инвестирано повеќе од 300 милиони евра во истражувања за биолошката безбедност на ГМО. Во последниот извештај од 2017 година, наведено е следново: „главен заклучок кој може да се изведе од повеќе од 130 истражувачки проекти, спроведени во период од 25 години, кои вклучуваат повеќе од 500 независни истражувачки групи, е дека биотехнологијата, особено ГМО, самите по себе не претставуваат ризик во споредба со растенијата добиени со конвенционалните технологии на одгледување.

И во извештајот на Американската лекарска асоцијација, Националната академија на науките и Светската здравствена организација, базиран на истражувањата на независни групи ширум светот, истакнато е дека 90 отсто од научната јавност верува дека ГМО се безбедни за употреба.

Но, само малку повеќе од една третина од потрошувачите го делат ова мислење. Сепак, стравот од несаканите ефекти од употребата на ГМО сѐ уште постои кај потрошувачите, како што е и стравот дека вметнувањето на еден или повеќе гени може да има негативно влијание врз другите гени кои се природно присутни во културите.

Најмногу генетски модифицирани растенија се доматите, сојатата, кикириките, пченката, житото, компирот, оризот и тутунот. Историјата за ГМО започнува во Генетскиот инжинеринг врз растенијата во далечната 1977 година. Така на пример во генетски модифицирани домати има инкорпорирано гени од рибата “лосос“, се со цел да растението издржи на температурните колебања и да се прилагоди на поладна клима. Исто така во генетските модифицирани растенија има инкорпорирано гени се со цел растенијата да станат резистентни на хербициди.

Според одредени анализи, во светот повеќе од 200 милиони хектари обработливо земјиште се користи за одгледување на генетски модифицирани организми. Најпопуларна ГМО житарка е сојата, потоа следи пченката, памукот и маслодајната репка. Но се почесто се споменуваат и папајата, компирот, оризот, доматите, тиквичките итн.

Расте бројката на граѓани кои се против ГМО

Над 6.000 граѓани ја поддржале онлајн петицијата со која се бара да се стопираат законските измени во земјава за кои би овозможиле производство на ГМО. Петицијата е покрената од иницијативата „Коалиција Против ГМО“, а нивната цел е да се соберат 10 илјади потписи за поддршка на нивното барање.

„Агенцијата за Храна и Ветерина (АХВ) има доставено предлог законска измена на моменталниот закон за безбедност на храна (кој НЕ дозволува локално производство на гмо) со цел во 2019 во Македонија да почне да се произведува и конзумира ГМО. Oправдувањето дека се стандардизираме според Европската Унија е неиздржано. Според ЕУ, секоја (сегашна или идна) членка самата избира дали сака кај неа да се произведува ГМО“, наведуваат од Коалицијата во петицијата.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави